понеделник, 16 март 2026

Зеленски за пуштањето на клучниот нафтовод: „Тоа е како да ѝ ги укинеме санкциите на Русија“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за време на викендот дека го „присилуваат“ да го поправи нафтоводот „Дружба“ низ кој тече руска нафта, сугерирајќи дека Европската Унија треба доследно да ги спроведува санкциите против Москва и покрај притисокот од Унгарија и Словачка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ме принудуваат повторно да го отворам „Дружба“, им рече Зеленски на новинарите. „По што се разликува од укинување на санкциите против Русите?“, додаде тој, а пренесува Јуроњуз.

Зеленски постави директно прашање до европските партнери: „Зошто можеме, од една страна, да им кажеме на Соединетите Американски Држави дека сме против укинувањето на санкциите, а од друга страна, да ја принудиме Украина да продолжи да испорачува нафта преку „Дружба“ по политичка цена која финансира антиевропски политики?“

Тој додаде дека, ако е принуден да се согласи на продолжување на протокот на нафта во замена за заемот од 90 милијарди евра, тоа останува во спротивност на неговите лични принципи.

„Доколку наметнат услови дека Украина нема да добие оружје, тогаш, се плашам, се чувствувам немоќен по тоа прашање. Им кажав на нашите пријатели во Европа дека ова се нарекува уцена“, рече Зеленски. Тој исто така кажа дека заемот е договорен во декември, независно од нафтоводот, и дека поправките би можеле да траат до два месеци.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави за време на викендот, на предизборниот митинг, дека протокот на нафта мора веднаш да се врати и го нарече Зеленски лажго. Унгарците излегуваат на гласање на 12 април, а Орбан ја фокусираше својата кампања делумно на гасоводот како прашање на национален суверенитет.

На маргините на состанокот на министрите за енергија во Брисел денес, европскиот комесар за енергија Дан Јергенсен им кажа на новинарите дека бил во контакт со украинскиот тим и нагласи дека тие „прават сè што можат за да го поправат гасоводот“. Јергенсен додаде дека ЕУ нема да ја промени својата политика на санкции кон Русија. „Решени сме да останеме на курсот. Би било грешка да се повтори она што го правевме во минатото“, кажа Јергенсен.

Тензиите меѓу Унгарија и Украина значително се влошија откако нафтовод од советската ера наводно беше оштетен во инцидент кон крајот на јануари. Украина тврди дека штетата поради која „Дружба“ е надвор од употреба е предизвикана во руски напад, додека Унгарија тврди дека Киев лаже и дека нафтоводот е оперативен.

Заедно со Словачка, Будимпешта побара надворешна инспекција, на што ЕУ се согласи, иако Украина сè уште не даде согласност и не е јасно кој ќе биде одговорен за нејзиното спроведување.

Денес, при пристигнувањето во Брисел, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто им кажа на новинарите дека „нема техничка или физичка причина“ за замрзнувањето на снабдувањето, освен политичка.

„Имаше предлози од наша страна, од Унгарија, Словачка, па дури и од Европската Унија, да се дозволи посета на локацијата. Сите тие предлози беа одбиени“, кажа Сијарто.

Украинската државна енергетска компанија Нафтогаз, заедно со украинскоот Министерство за надворешни работи, ги информираше дипломатите од повеќе од 40 земји за состојбата на нафтоводот, сигнализирајќи дека може да докаже дека е оштетен.

„Беа презентирани сеопфатни материјали за природата на нападот и неговите последици, вклучувајќи фотографии и видеа од местото на настанот“, објави Нафтогаз. ЕУ планира целосно да престане да увезува руски енергенси до 2028 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ