Речиси две недели откако САД и Израел почнаа напади врз Иран, една од главните последици беше наглиот пораст на цените на нафтата, што индиректно ѝ користеше на Русија и предизвика загриженост дека војната го одвлекува вниманието од борбата на Украина против Русија. САД вчера објавија дека привремено ќе ги укинат санкциите врз руската нафта која се пренесува преку море.
„Ова американско олеснување на мерките би можело да ѝ обезбеди на Русија околу 10 милијарди долари за војната. Тоа сигурно не помага во постигнувањето мир“, оцени Зеленски на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.
Конфликтот во Иран отвори прашања за непосредното снабдување на Украина со оружје од Западот, особено со воздушна одбрана, додека арапските држави од Персискиот залив ги намалуваат сопствените залихи на воздушна одбрана за да одговорат на секојдневните напади од Техеран.
Зеленски кажа дека тоа ќе го влоши акутниот недостиг од противвоздушни ракети во Украина. Украинскиот претседател претходно оваа недела изјави, без да го наведе изворот, дека земјите од Персискиот залив употребиле повеќе противвоздушни ракети ПАК-3 против иранските напади за неколку дена отколку што Киев добил од Вашингтон за четири години.
Европската Унија сè уште не се согласила за предложениот заем од 90 милијарди евра, кој делумно би би му обезбедил на Киев купување оружје. Украина се надева дека заемот ќе биде одобрен до средината на април. Посетата на Зеленски на Париз „овозможува силно да нагласам дека ништо нема да нè одврати“ од тоа да ѝ помогнеме на Украина, кажа Макрон, и ја пофали „извонредната упорност и храброст“ на Киев во спротивставувањето на рускиот напад.
Францускиот претседател повтори дека нема оправдување за укинување на санкциите против Русија и ѝ порача на Москва дека е заблуда ако мисли дека војната во Иран ќе ѝ обезбеди одмор. Макрон кажа дека поддршката за оружје за Украина ќе биде зголемена, но не објасни како.
Зеленски се обиде да ги убеди арапските држави од Персискиот залив, од кои повеќето одржуваат блиски врски со Москва, дека Украина може да биде корисен и сигурен партнер. Тој им понуди украинска технологија за пресретнување беспилотни летала во замена за противвоздушни ракети. Украина оваа недела испрати специјалисти и службеници во четири земји од Блискиот Исток како дел од тој напори.






