Во ексклузивно интервју за британскиот весник Индипендент, претседателот на Украина Володимир Зеленски рече дека неговата земја би можела да стане поранлива затоа што американскиот претседател Доналд Трамп ја насочува целата огнена моќ кон Иран, додека на Украина ѝ се потребни посилни оружја за да го принуди рускиот претседател Владимир Путин на мир.
„Фокусот ќе се префрли на Блискиот Исток, на војната со Иран, и на САД, а исто така и на Израел“, рече Зеленски и оцени дека тоа е разбирливо, бидејќи земјите на Блискиот Исток сега се под масовни напади со ирански дронови и ракети.
„Нашата проценка е, секако, дека противвоздушната одбрана на Украина поради тоа би можела да се намали“, изјави тој.
Зеленски, кој гласно ги поддржуваше најновите американско-израелски напади врз Иран и во почетокот на оваа година повикуваше на поголема поддршка за протестите на Иранците против режимот, рече дека ги подготвил своите команданти да се справат со очекуваниот недостиг од муниција во сопствената одбрана.
Украинскиот претседател рече дека не се жали, туку ја изнесува практичната реалност со која се соочува неговата земја додека продолжува војната.
Постои слаба одбрана од балистичките ракети што се испукуваат во лак, во вселената, од каде што паѓаат со брзина до пет пати поголема од брзината на звукот, а Русија ги користи против Украина веќе четири години, пишува Индипендент.
Но повеќето противракетни системи за борба против балистички ракети, особено Патриот и системите за одбрана на голема височина ТХААД, се произведуваат во САД и претставуваат главни одбранбени системи што се користат во регионот на Заливот и пошироко.
„Главно се произведуваат во САД, па тие произведуваат противвоздушна одбрана и секако ќе го контролираат тој број и ќе се обидат да задржат пакет од такви ракети за себе, што е разбирливо“, рече Зеленски.
Киев сега произведува огромни количества дронови-пресретнувачи со краток дострел, а украинските експерти итно се испраќаат во земјите од Заливот за да советуваат за противвоздушна одбрана од иранските роеви нискотехнолошки ракети.
Но заради сопствената одбрана, Украина стапила во контакт со поддржувачи низ светот што купуваат оружје од САД, барајќи од нив помош, и досега, вели Зеленски, неговата влада не добила одговор како да се справи со претстојниот недостиг.
Зеленски исто така предупреди на влијанието на војната со Иран врз цените на нафтата, бидејќи Техеран ги блокираше бродските рути низ Арапскиот залив и Ормускиот теснец.
Цените на суровата нафта пораснаа за речиси една петтина откако Израел и САД го нападнаа Иран.
Кина купува 48 проценти од руската нафта, а Индија купува 38 проценти, според податоците што овој месец ги објави Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух. Голем дел од тоа им се испорачува со флотата таканаречени „танкери во сенка“ што работат за Русија со цел да ги избегнат меѓународните санкции.
„Дали Русија ќе го искористи тоа (растот на цените) или не, ќе зависи од тоа како нашите партнери ќе соработуваат со најголемите увозници“, рече Зеленски.
Европската Унија е најголемиот клиент за гас од Русија, а многу поморски држави се двоумат да ги запрат и да запленат танкери со нафта што минуваат низ нивните води.
„Затоа мора да работиме на тоа“, продолжи Зеленски. „И мора да продолжиме да работиме на санкции, на флоти што не се во согласност со законот, за да ги запреме танкерите што превезуваат руска нафта“, рече тој.
Тој додаде дека не очекува руските напади со дронови и ракети да се намалат поради американско-израелската офанзива против Иран, кој беше главниот снабдувач на дронови „шахед“ во последните четири години, бидејќи Русија префрли голем дел од производството на иранско оружје на своја територија.
Зеленски нагласи дека не ја критикува американската администрација – секогаш свесен дека администрацијата на Трамп многу лошо реагира на секоја критика, забележува Индипендент.
Но тој рече дека Владимир Путин не бил под доволен воен и економски притисок за да пристапи кон преговори со вистинска намера да постигне мир.
Минатата година Зеленски отпатува во Белата куќа за да се обиде да го убеди Трамп да дозволи индиректна продажба на ракети со долг дострел „томахавк“ на Европа за употреба во Украина.
Неговите напори на крајот пропаднаа, а сега „томахавк“ се користат во огромен број против Иран.
Зеленски рече дека видел различни проценки за тоа колку биле употребени против Иран: „Две илјади? Не знам точно… само во првите два дена“.
„Знаете колку барав од САД? Двесте, реков, или барем дајте ни сто“, рече тој.
Зеленски додаде дека за време на преговорите со САД на Иран му било кажано да ја запре нуклеарната програма, да престане да произведува и да продава ракети и да престане да спонзорира тероризам.
„САД рекоа: ‘Видете, ако не сте подготвени да престанете… ќе се соочите со агресивни чекори… ќе одговориме со сила’“, го пренесе Зеленски американскиот став.
„Во мојот случај, она што им го предложив на сите партнери е: кажете му го истото на Путин, а потоа, ако не послуша, не ни помагајте. Само дајте ни оружје“, заклучи Зеленски во интервјуто за Индипендент.






