„Доколку тие ја напаѓаат нашата енергетска инфраструктура, претседателот Трамп нè поддржува да возвратиме со напад врз нивната“, кажа Зеленски во интервју објавено денес за Аксиос, додека Украина продолжува со нападите врз руските рафинерии за нафта.
Зеленски, кој се сретна со Трамп во вторникот на маргините на Генералното заседание на Обединетите нации во Њујорк, кажа дека американскиот претседател дал „зелено светло“ за одмазднички напади врз руските воени фабрики, но наведе дека тие може да бидат потешко достапни поради високото ниво на заштита на тие објекти.
По таа средба со Зеленски, Трамп одеднаш ја промени својата реторика, велејќи дека Украина може да ја врати контролата врз целата своја територија „со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, особено од НАТО“.
Во тоа време, Трамп исто така изјави дека Русија е во „големи економски проблеми“, сугерирајќи дека ова е една од главните причини за неговата новооткриена доверба во способноста на Украина да се бори.
Вчера Кремљ го негираше тоа тврдење, но призна дека постојат „проблематични области во различни сектори на економијата“ во Русија.
Еден ден по средбата меѓу Трамп и Зеленски, Украина го нападна со беспилотни летала петрохемискиот комплекс Салават, еден од најголемите во Русија, кој се наоѓа во регионот Башкортостан.
Салават, кој се наоѓа на околу 1.500 километри од фронтовските линии во Украина, произведува 150 видови производи, вклучувајќи автомобилски бензин, дизел гориво, масло за греење, битумен и полиетилен.
Зеленски за Аксиос изјави и дека побарал од Трамп дополнителни системи за оружје, за кои верува дека би претставувале „дополнителен притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин „да седне и да преговара“.






