Во интервју за Би-би-си Зеленски кажа дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин сака долготрајна војна меѓу Иран, Израел и Соединетите Американски Држави, бидејќи тоа би ја ослабнало Украина, но и би ги пренасочило американските ресурси и поддршка.
„За Путин, долготрајната војна во Иран е предност. Покрај влијанието врз цените на енергенсите, тоа значи и трошење на американските залихи и исцрпување на производителите на воздушна одбрана. Како резултат на тоа, ние (Украина) остануваме без ресурси“, истакна украинскиот претседател.
Тој изјави дека САД произведуваат помеѓу 60 и 65 ракети месечно, додека на првиот ден од војната во Иран биле искористени дури 803 ракети.
Украинскиот претседател предупреди дека сигурно ќе има недостиг на пресретнувачки ракети за американскиот систем „патриот“, што претставува предизвик за Киев. Прашањето сега е кога ќе бидат исцрпени сите залихи на Блискиот Исток, додаде тој.
Уште на почетокот на март Зеленски предупреди за недостигот од ракети за противракетните одбранбени системи „патриот“. Претходно тој апелираше Украина да добие дополнителни ракети „патриот“, нудејќи за возврат да испрати дронови-пресретнувачи до сојузниците од Заливот кои се цел на Иран.






