сабота, 6 декември 2025

Зеленски: Со Трамп договоривме нов мировен договор од 20 точки

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најпредизвикувачките елементи на мировниот план се прашањето за територијата и парите, мислејќи на замрзнатите руски средства во Европа, како и безбедносните гаранции, но исто така дека „сега повеќе од кога било“ постои шанса да се стави крај на војната, објави Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција во Даблин со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Зеленски кажа дека вчера разговарал со американскиот претставник Стив Виткоф, кој денес ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, и дека Украина сега ги чека резултатите од таа средба.

„Ќе реагирам според тие резултати, ако почувствувам дека можеме да сметаме на вистински, конкретен дијалог… ќе се сретнеме“, кажа тој.

Украинскиот претседател кажа и дека разговарал со Мартин за користењето на замрзнатите руски средства и дека е „крајно време“ да се искористат за поддршка на напорите на Украина за војната и реконструкција.

„Крајно време е тие да бидат префрлени на Украина за да можеме сигурно да ја обезбедиме нашата одбрана и закрепнувањето“, бидејќи тоа „ќе ни користи не само нам, туку и на нашите партнери“.

Тој додаде дека Украина смета и на „силни“ безбедносни гаранции и од Соединетите Американски Држави и од Европа.

Во врска со мировниот план, тој кажа дека некои работи „сè уште треба да се разработат“, но исто така рече дека САД преземаат сериозни чекори за да ја завршат војната „на еден или друг начин“.

Зеленски откри дека САД и Украина се согласиле за нов мировен договор од 20 точки. Украинскиот претседател кажа дека оригиналниот план од 28 точки предложен од САД е преработен во нов договор по разговорите меѓу претставниците, пренесува Индипендент.

„Сега повеќе од кога било има шанса да се заврши оваа војна“, оцени Зеленски.

Висок украински извор денес изјави дека украинската делегација би можела да се сретне со американскиот амбасадор Виткоф и зетот на Доналд Трамп Џаред Кушнер утре, по нивните денешни разговори во Москва.

„Украинската страна… не го исклучува тоа и е подготвена“ да се сретне со нив, изјави , за агенцијата Франс прес извор кој сакал да остане анонимен.

Тој ја спомнач можноста за состанок во Брисел, каде што во среда се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, нема да учествува на состанокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ