понеделник, 15 декември 2025

Зеленски се повлече под притисокот на граѓаните и ЕУ

Претседателот Володимир Зеленски вчера ја врати независноста на главните антикорупциски агенции во Украина, обидувајќи се да ја ублажи политичката криза што ја разниша довербата во неговото воено раководство и предизвика загриженост кај западните партнери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници демонстранти се собраа во Киев и други градови во последните денови во редок израз на незадоволство, откако пратениците, предводени од владејачката партија на Зеленски, набрзина усвоија амандмани минатата недела со кои ги ослабнаа овластувањата на угледните агенции.

Зеленски го смени курсот по јавното негодување и притисокот од највисоките европски претставници, кои предупредија дека Украина ја загрозува својата кандидатура за членство во Европската Унија со ослабување на антикорупциските институции. Тој го потпиша новиот закон вчера кратко откако пратениците го усвоија со 331 глас за и ниту еден против, велејќи дека законодавството „гарантира отсуство на какво било надворешно влијание или мешање“.

„Украина е демократија – нема сомнение за тоа“, рече Зеленски на апликацијата Телеграм.

Законот усвоен вчера ги поништува амандманите што му дадоа на генералниот обвинител, избран од Зеленски, овластување да ги пренасочува случаите од антикорупциските агенции и да ги прераспределува обвинителите – потег за кој критичарите велат дека е направен за да ги заштити неговите сојузници од гонење.

Искоренувањето на корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото се клучни услови за влез на Киев во ЕУ, што Украинците го сметаат за клучно за нивната иднина додека се бранат од руска инвазија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, го опиша вчера усвоениот закон како „позитивен чекор“ и ја повика Украина да продолжи со спроведување на реформите.

Протестите продолжија дури и откако Зеленски поднесе нов закон минатата недела, а стотици луѓе се собраа пред зградата на претседателството во Киев доцна во среда навечер извикувајќи „срамота!“ и „народот е власт!“.

Украинците, по ноќта на смртоносни руски воздушни напади, протестираа и пред парламентот пред вчерашното гласање, вршејќи притисок врз пратениците да го донесат новиот закон. Откако законот беше усвоен, учесниците го поздравија со извици и аплауз.

„Некои се борат на фронтот, а некои тука мора да им покажат на властите каде им е местото“, изјави за Ројтерс демонстрантот Микола Поминчук (42).

Демонстрантите јасно ставија до знаење дека немаат револуционерни намери, додека повеќето од нив се свесни и за опасноста од политичка дестабилизација за време на воена состојба. Наместо тоа, тие тврдат дека протестите покажуваат дека демократијата во Украина функционира и покрај отсуството на избори во воена состојба.

Вчерашната парламентарна седница беше телевизиски емитувана за прв пат од 2022 година, со што се укина безбедносното ембарго за снимање. Пратениците од опозицијата упатија жестоки критики до Зеленски и претседателската администрација пред гласањето. Пратеникот од опозицијата Јарослав Јурчшин им се заблагодари на Украинците што ја сопреле владата „на чекор од бездната“ на автократијата

Некои пратеници се појавија во парламентот со рачно изработени транспаренти, слични на оние што ги носеа демонстрантите.

Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупција (САПО) ја засилија својата антикорупциска кампања и поднесоа обвиненија против пратеници и високи владини функционери, вклучувајќи го и поранешниот заменик-премиер кој беше обвинет за примање мито од 345.000 долари минатиот месец.

Во интервју за Ројтерс минатата недела, откако Зеленски ја поништи својата одлука, шефот на НАБУ, Семен Кривонос, кажа дека очекува континуиран притисок врз неговата агенција од корумпирани структури кои не се заинтересирани за расчистување на ситуацијата во Украина.

Тој кажа дека тој и другите антикорупциски функционери чувствуваат уште поголема одговорност по протестите, но исто така го повикаа државното раководство да им помогне во таа борба.

„Оваа одговорност мора да се сподели со владата, која треба да реагира и да каже: Во ред, тука има корупција – ајде да ја искорениме“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ