понеделник, 8 декември 2025

Зеленски: Русија се подготвува за нови офанзиви, а не за прекин на војната

Русија ги подготвува своите војници за нови офанзиви, а не за крај на војната во Украина, тврди украинскиот претседател Володимир Зеленски денес по разговорот со лидерите на Индија и Саудиска Арабија како дел од напорите за добивање поддршка за Украина надвор од Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зеленски доби дипломатска поддршка од Европа и НАТО во неделата, поради стравувањата дека американските и руските лидери може да се обидат да наметнат услови за крај на три и полгодишната војна на нивниот состанок во петок на Алјаска.

„Денес, разузнавачките служби и воената команда подготвија извештај за тоа на што смета (рускиот претседател Владимир) Путин и за што всушност се подготвува. Особено, станува збор за воени подготовки. Тој сигурно не се подготвува за прекин на огнот или за крај на војната“, кажа Зеленски во своето вечерно обраќање.

Тој тврди и дека Русија ги преместува своите војници за нови операции на украинска територија, без да даде детали.

„Нема знаци дека Русите добиле сигнали да се подготват за повоената ситуација“, кажа тој.

Портпаролот на украинската војска за јужниот фронт, Владислав Волошин, денес за Ројтерс изјави дека Русија преместува дел од своите единици во регионот Запорожје за понатамошни напади.

Во одделни изјави во понеделник, Зеленски кажа дека разговарал со индискиот премиер Нарендра Моди и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Двајцата лидери имаат претпазливи дипломатски позиции во врска со конфликтот во Украина.

Индија е голем купувач на руска нафта, а Саудиска Арабија понуди да посредува во конфликтот.

Зеленски кажа дека разговарал со двајцата лидери за зајакнување на позицијата на Украина во секој мировен процес.

„Комуникацијата со лидерите всушност е во тек, ние сме во постојан контакт“, напиша тој на социјалната платформа Икс. „Сега е моментот кога постои реална перспектива за постигнување мир“.

Во својот „долг разговор“ со Моди, Зеленски разговарал и за санкциите за руската нафта. Минатата недела, Трамп воведе дополнителни царини од 25 проценти за стоки од Индија, наведувајќи го како причина континуираниот индиски увоз на руска нафта.

„Истакнав дека е потребно да се ограничи извозот на руски енергетски производи, особено нафта, со цел да се намали потенцијалот и способноста (на Русија) да го финансира продолжувањето на оваа војна“, кажа Зеленски, додавајќи дека лидерите со „опипливо влијание врз Русија“ треба да дејствуваат.

Зеленски, исто така, ги повика сојузниците на неговата земја да ги одржат санкциите против Русија сè додека Украина не добие безбедносни гаранции.

Путин, исто така, оствари серија телефонски повици и разговараше со лидерите на Кина, Индија, Бразил и поранешните советски републики за да ги информира за неговите контакти со Соединетите Американски Држави за војната во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ