„Главниот напад беше во четири области“, им кажа Зеленски на новинарите во Киев.
„Верувам дека временските услови влијаеја на нашата способност да се одбраниме – приближно за 20 до 30 проценти“, додаде претседателот на Украина.
Руски беспилотни летала и ракети ги погодија украинските енергетски објекти во текот на ноќта, оставајќи делови од Киев во мрак, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија и вода за домаќинствата и запирајќи ја линијата на метрото преку реката Дњепар, пренесува Ројтерс. Министерството за енергетика на Украина соопшти дека 380.000 потрошувачи сè уште се без струја во петок попладне.
„Ударот е силен, но сигурно не е фатален“, кажа Зеленски, зборувајќи за нападите.
Тој изјави дека во земјата има 203 енергетски централи на кои им е потребна воздушна одбрана од руски напади.
Тој додаде и дека руските сили се обиделе да извршат нов напад во близина на градот Добропилје во источниот регион Доњецк, каде што Киев бележи успеси во последните недели, но напаѓачите биле одбиени.
„Русите се обидоа да извршат одредени офанзивни акции“, кажа тој. „Тие сакаа да ги деблокираат своите трупи, но претрпеа загуби и се повлекоа“.
Зеленски кажа и дека Украина чека разјаснување на статусот на 10-те системи за противвоздушна одбрана кои Соединетите Американски Држави ветија дека ќе ги испорачаат.
Тој изрази надеж дека „коалицијата на спремните“ – групата земји кои ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина – ќе се состанат повторно овој месец.






