„Путин нема да чека да ја заврши својата војна во Украина. Тој ќе отвори некој друг правец. Никој не знае каде. Тој го сака тоа“, рече Зеленски во говор во Киев по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Обединетите нации во Њујорк.
Украинскиот претседател рече дека Кремљ намерно го тестира капацитетот на Европа да го заштити своето небо, откако беспилотни летала беа забележани во Данска, Полска и Романија, и откако руски борбени авиони го нарушија естонскиот воздушен простор.
Зеленски сугерираше дека владите на ЕУ се борат со оваа нова и опасна закана.
Месецов Украина забележа 92 беспилотни летала како летаат кон Полска на „кореографски“ начин и пресретна повеќето од нив, додека 19 преминаа на полска територија, каде што Полјаците соборија четири.
„Не ги споредувам нашите сили. Ние сме во војна, а тие (Полска) не се“, рече Зеленски.
Тој додаде дека претставници на неколку земји ќе дојдат во Украина за да добијат „практична обука“ за тоа како да ги одбијат руските воздушни напади.
„Подготвени сме да го споделиме нашето искуство“, заклучи Зеленски.






