„Путин нема да чека да ја заврши својата војна во Украина. Тој ќе отвори друг правец. Никој не знае каде. Тој го сака тоа“, изјави Зеленски во говорот во Киев, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Обединетите нации во Њујорк, пренесува Гардијан.
Украинскиот претседател рече дека Кремљ намерно го тестира капацитетот на Европа да го заштити своето небо откако беа забележани беспилотни летала во Данска, Полска и Романија и откако руски воени авиони го нарушија воздушниот простор на Естонија.
Зеленски посочи дека владите на членките на Европската Унија се борат против оваа нова и опасна закана.
На почетокот на овој месец, Украина забележа 92 беспилотни летала кои летаат кон Полска на „кореографски“ начин и ги пресретна повеќето од нив, додека 19 преминаа на полска територија, каде Полјаците соборија четири.
„Не ги споредувам нашите сили. Ние сме во војна, а тие (Полска) не се“, рече Зеленски.
Тој додаде дека претставници на неколку земји ќе дојдат во Украина за да добијат „практична обука“ за тоа како да ги одбијат руските воздушни напади.
„Подготвени сме да го споделиме нашето искуство“, заклучи Зеленски.






