сабота, 6 декември 2025

Зеленски по состанокот на Флорида: Останаа нерешени тешки прашања

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека по американско-украинските разговори на Флорида, сè уште треба да се решат „некои тешки прашања“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој објави дека сега заминува за Европа за да ја обезбеди поддршката од сојузниците, додека претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп треба да отпатува во Москва и да го информира Кремљ за резултатите од преговорите.

Интензивната дипломатија насочена кон завршување на најголемата војна во Европа со генерации продолжи денес по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центарот изграден од специјалниот претставник на Трамп, претприемачот Стив Виткоф.

Зеленски пристигна во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, а итре ќе отпатува во Ирска. Украинскиот министер за одбрана треба да биде во Брисел на разговори со НАТО. Утре Виткоф се упатува кон Москва на средба со Владимир Путин.

Киев и неговите европски сојузници сакаат Вашингтон да го промени предложениот американски мировен план, кој, според извештаите, првично ги почитувал клучните руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали големината на својата армија, да се откаже од амбицијата да се приклучи на НАТО и да им забрани на западните сили да влегуваат на нејзина територија.

Киев тврди дека ова би значело капитулација и би ја оставило земјата ранлива на целосна окупација, откако Русија ја нападна Украина во 2014 година и потоа во 2022 година.

„Постојат некои тешки прашања кои сè уште треба да се решат“, објави Зеленски на социјалната мрежа Икс, најавувајќи серија состаноци во Европа за да се разговара за заклучоците од преговорите во Флорида. „Ќе биде многу значаен ден“, најави тој.

Државниот секретар на САД Марко Рубио, домаќин на разговорите во клубот Шел Беј на Виткоф во близина на Мајами, во неделата изјави дека Вашингтон е „реалистичен во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимист, особено со оглед на фактот дека постигнавме напредок“.

„Сè уште има работа што треба да се заврши. Ова е деликатно“, кажа Рубио. „Постојат многу елементи и јасно е дека е вклучена и друга страна… која ќе мора да биде дел од равенката и тоа ќе продолжи подоцна оваа недела кога Виткоф ќе отпатува во Москва“, додаде тој.

Претседателот Макрон, кој претходно беше домаќин на разговорите за евентуални европски „мировни сили“ во Украина по војната – што би било забрането со првичната верзија на американскиот план – со прими Зеленски во Елисејската палата.

Преговорите доаѓаат во момент на сериозна пресвртница за Киев: украинските сили губат територија на фронтот, додека земјата е потресена од најголемиот корупциски скандал од почетокот на целосната инвазија.

Началникот на кабинетот на Зеленски, кој ја предводеше украинската делегација на разговорите, поднесе оставка во петокот откако антикорупциските истражители го претресоа неговиот дом. Двајца министри беа отпуштени, а поранешниот деловен партнер на Зеленски беше прогласен за осомничен.

Трамп, кој вети дека брзо ќе ја заврши војната, изрази фрустрација што договорот се чини дека е недостижен.

„Украина има некои сериозни помали проблеми“, им кажа Трамп на новинарите на авионот Ер форс уан, мислејќи на корупцискиот скандал. Тој го повтори својот став дека и Русија и Украина сакаат да ја завршат војната и рече дека има добри шанси за постигнување договор.

Русија не покажува знаци дека ќе се откаже од своите максималистички барања додека нејзините сили полека напредуваат по должината на фронтот од приближно 1.200 километри.

Москва денес објави дека нејзините сили зазеле уште една населба во источна Украина – Клиново во регионот Доњецк. Ројтерс не можел независно да ја потврди ситуацијата на терен. Русија, исто така, тврди дека е на еден чекор од освојување на разурнатиот град Покровск, што би била нејзина најголема победа во последните речиси две години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ