Зеленски изјави дека средбата со американскиот претседател Доналд Трамп би можела да се одржи во петок и додаде дека ќе се сретне со претставници на компании од областа на одбраната и енергетиката, како и со членови на американскиот Конгрес.
„Главните теми ќе бидат противвоздушната одбрана и нашите капацитети за долг дострел, со цел да се одржи притисокот врз Русија“, кажа Зеленски.
Зеленски ќе се придружи на украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко, која веќе е во САД на прелиминарни разговори.
Тој кажа дека ќе побара и понатамошна помош од САД во заштитата на електроенергетските и гасните мрежи на Украина.
Зеленски го опиша вчерашниот телефонски разговор со Трамп како „многу продуктивен“.
Трамп вчера ја предупреди Русија дека Америка би можела да испрати ракети со долг дострел „томахавк“ во Киев, по што рускиот претседател Владимир Путин изјави дека тоа сериозно ќе ги наруши односите меѓу Москва и Вашингтон.






