Во објава на Телеграм, Зеленски рече дека сите подеднакво сакаат брз и сигурен крај на војната, додавајќи дека мирот мора да биде траен. „Не како пред многу години, кога Украина беше принудена да се откаже од Крим и дел од Донбас, а Путин едноставно го искористи тоа како појдовна точка за нов напад. Или кога на Украина ѝ беа дадени наводни „безбедносни гаранции“ во 1994 година, што не функционираа“, напиша тој.
Зеленски нагласи дека Украина не требало да се откаже од Крим во 2014 година, „исто како што Украинците не се откажаа од Киев, Одеса или Харков по 2022 година“. Според него, украинските одбранбени сили моментално напредуваат во регионите Донецк и Суми.
„Ќе ја заштитиме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме нејзината безбедност, а нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер за нивната поддршка и непроценлива помош“, рече тој. „Русија мора да ја заврши оваа војна што ја започна. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели, ќе ја принуди Русија да постигне вистински мир“, додаде Зеленски.
Зеленски и делегација од европски лидери патуваат во САД откако учествуваа на состанок на Коалицијата на спремните во Брисел. Се очекува разговорите со Трамп да се фокусираат на опциите за завршување на војната во Украина и можноста за средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
Во објава на социјалната мрежа Трут соушл синоќа, Трамп рече дека членството на Украина во НАТО и враќањето на Крим „не се тема“ во преговорите за завршување на руската инвазија.
„Претседателот на Украина може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш ако сака, или може да продолжи да се бори“, напиша Трамп, додавајќи: „Нема враќање на од Обама дадениот Крим (пред 12 години, без ниту еден испукан куршум!), и НЕМА ПРИКЛУЧУВАЊЕ НА УКРАИНА ВО НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат!!!“
Трамп, исто така, објави: „Утре е голем ден во Белата куќа. Никогаш не сум имал толку многу европски лидери одеднаш. Голема чест е да ги угостиме!!!“, осврнувајќи се на средбата со Зеленски, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и лидерите на Франција Емануел Макрон, на Британија Кир Стармер и на Италија Џорџа Мелони.
Собирот следува по самитот на Трамп со Владимир Путин во Алјаска, каде што рускиот лидер наводно се согласил на гаранција „слична на Член 5“ за Украина како дел од евентуален договор.






