четврток, 25 декември 2025

Зеленски: Не ни се доволни европските гаранции, вистинските гаранции за нас се во НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Европејците на единство, меѓу себе, но и со идната американска администрација на Доналд Трамп, нагласувајќи дека трансатлантската соработка е неопходна за да се тргне кон траен мир во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, вети дека ќе воспостави мир во Украина „во рок од 24 часа“, предизвикувајќи загриженост кај Европејците, кои се плашат дека ќе бидат исклучени, и кај Киев, кој не сака „принуден“ мир по повеќе од илјада дена конфликт, вели Франс прес.

Зеленски вчера говореше на самитот со лидерите на ЕУ во Брисел.

„Европските гаранции нема да бидат доволни за Украина… Вистинските гаранции за нас, сега и во иднина, се во НАТО“, рече Зеленски.

„Само заедно САД и Европа можат навистина да го запрат (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече тој.

Лидерите на ЕУ вчера инсистираа дека не може да се донесе одлука за разурнатата Украина без нејзино одобрение или зад грбот на нејзините европски партнери, зборувајќи на помалку од еден месец пред новоизбраниот американски претседател Трамп да ја преземе функцијата, пренесува АП.

Покажувајќи солидарност на самитот во Брисел со украинскиот претседател Зеленски, многу лидери на ЕУ ги повторија варијациите на она што стана мантра – ништо за Украина без Украина, ништо за безбедноста во Европа без Европејците.

Во Европа се шират гласини за можни мировни преговори веќе во 2025 година, а се зборува и за тоа дали ќе бидат потребни европски мировници за да се спроведе договорот што ќе биде постигнат, но европските лидери се обидуваат да им стават крај на шпекулациите за тоа што се спремни да направат за да не ѝ ги отворат картите на Русија, пишува АП.

Според нив, сега приоритет е да се зајакне позицијата на Украина доколку Зеленски одлучи дека е време за преговори.

За предлогот за мировните сили што ќе гарантираат евентуално примирје, Зеленски рече дека многу точки сè уште остануваат нејасни, дека Украина ја поддржува секоја иницијатива, но дека треба да се разработат деталите и да бидат конкретни за тоа.

Приоритет е Украина „да не биде принудена да го прифати мирот што ќе ѝ биде диктиран“, изјави вчера германскиот канцелар Олаф Шолц по пристигнувањето во Брисел. Шолц рече дека е важно да се обезбеди „долгорочна помош за Украина“ и дека мора да биде јасно дека Европејците се подготвени да дадат онолку колку што е потребна поддршка, противвоздушна одбрана, артилерија, муниција.

На прашањето за Трамп, Шолц рече дека неговиот впечаток од разговорот со него е дека е можна добра соработка меѓу Европа и САД. Тој рече дека „принципот е секогаш – нема одлука без Украина, а секако тоа значи и без европските земји“.

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас изјави дека секој притисок за прерано започнување на преговорите ќе биде лоша работа за Украина.

Слична порака имаше и луксембуршкиот премиер Лик Фриден.

„Треба да бидеме со Украина и секој чекор треба да се преземе со Украина и во присуство на Европската Унија. Иднината на Украина се решава во Европа, а не на друго место“, рече тој.

Холандскиот премиер Дик Шуф ​​истакна дека само Украина може да ги постави условите за преговори, но дека Украина сѐ уште не покажала дека е подготвена да го стори тоа.

Иако на самитот со Зеленски вчера не се зборуваше за можни преговори, тие би можеле да бидат почнати наскоро. Путин вчера изјави дека е подготвен да се сретне со Трамп во секој момент, а Трамп постојано повикуваше на отворање на преговорите меѓу Русија и Украина.

Додека чекаат, Европејците сакаат пред сè да се осигурат дека Украина е во силна позиција.

„Нашите пријатели и уште повеќе нашите непријатели внимателно набљудуваат како ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина. Затоа, нашата поддршка треба да биде цврста“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Европејците ветија најмалку 30 милијарди долари финансиска помош за Украина во 2025 година, од кои голем дел ќе ѝ овозможат да купи оружје, велат дипломатите. Тие исто така сакаат да ѝ помогнат на Украина да ја преброди зимата во време кога Русија секојдневно ја гаѓа енергетската инфраструктура на Украина.

Запрашан што чувствува за претстојното доаѓање на Трамп во Белата куќа, Зеленски прво рече „Добредојде, Доналд“, а потоа кажа дека е клучно САД да останат со Украина.

„Имам намера да го слушам, да го слушнам неговото гледиште и да го изразам нашето. Се надевам дека ќе ме разбере, бидејќи без разлика дали сме политичари или бизнисмени, сите сме луѓе и сите, мислам, имаме исти емоции“, рече Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ