„Ја почитуваме одлуката на оние лидери кои планираат да присуствуваат на парадата на Путин, но Украина не сноси никаква одговорност за тоа што може да се случи на територијата на Руската Федерација. Тие се одговорни за вашата безбедност и затоа нема да дадеме никакви гаранции. Бидејќи не знаеме што би можела да направи Русија на тие датуми. На пример, би можела сама да изврши разни акции – да запали пожари, да предизвика експлозии и слично – а потоа да нè обвини за тоа“, изјави Зеленски.
„Украина секако не сноси никаква одговорност за она што денес се случува во Русија. Тоа е факт“, рече Зеленски за време на разговорот со новинарите, вклучително и со новинарот на Франс прес.
Рускиот претседател Владимир Путин оваа недела предложи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај, по повод Денот на победата над нацизмот.
Прекинот на огнот треба да овозможи непречено одржување на воената парада во Москва и други комеморативни церемонии. Предлогот дојде во време на зголемени руски напади врз украинските градови, вклучувајќи ги Киев, Харков и Одеса.
Украинскиот претседател претходно ја отфрли таквата иницијатива, нарекувајќи ја обид за манипулација. Тој рече дека „не е потребно да се чека 8 мај за да се прекинат борбените операции“ и нагласи дека Украина е подготвена за итен, целосен и безусловно примирје во траење од најмалку 30 дена.
„Идејата на Путин за привремен хуманитарен гест е разбирлива: тој дојде на власт на 7 мај пред 25 години и сака мир за време на парадата. Но, ние нема да учествуваме во такво шоу. Бараме вистински прекин на огнот, без трикови и симболични датуми“, рече тогаш Зеленски.