За време на средбата еден на еден, одржана на маргините на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса, Вучиќ ја потврди цврстата поддршка на Србија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, според соопштението објавено на сајтот на украинскиот претседател.
Се наведува дека лидерите разговарале за патиштата на Украина и Србија кон интеграција во Европската Унија и билатерална соработка.
I spoke with Serbia’s President @avucic. I am grateful for his participation in the Ukraine – Southeast Europe Summit and for the assistance to Ukraine. This is the President’s first visit to Ukraine, and it is truly important to be here in Ukraine and witness the war firsthand.… pic.twitter.com/zPgoRcDnER
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) June 11, 2025
Зеленски ја поканил Србија да се приклучи на реконструкцијата на Украина и да учествува на конференцијата за обнова на Украина, која ќе се одржи на 10 и 11 јули во Рим, се додава во соопштението.
Вучиќ претходно напиша на Инстаграм дека имал „значаен и отворен разговор со Зеленски за клучните прашања на современите геополитички предизвици со кои се соочува Европа и целиот свет“.
„Разменивме мислења за важноста на постигнувањето долгорочен и одржлив мир, почитувањето на меѓународното право, како и улогата на дипломатијата во надминувањето на конфликтите. Разговаравме и за економски теми, како и за заедничките цели во постигнувањето на најсилната можна заедничка соработка во различни општествени сфери како основа за секој понатамошен напредок“, рече Вучиќ.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го поздрави учеството на Вучиќ на самитот Украина-Југоисточна Европа, наведувајќи дека тоа може да се толкува како силна поддршка за украинското раководство.
Вучиќ е единствениот учесник на самитот кој не ја потпиша усвоената декларација, бидејќи, како што изјави за српските медиуми, таа повикува на воведување санкции против Русија поради војната против Украина.
Сепак, тој кажа дека Зеленски „покажал почит кон територијалниот интегритет на Србија“ бидејќи на Самитот немало претставник на Косово и додаде дека тоа е „одличен гест“ кон Србија што „ќе го цени колку што е можно повеќе“.