вторник, 3 февруари 2026

Зеленски: Можно е да се постигне траен и достоинствен мир, преговорите продолжуваат

Претседателот на Украина Володимир Зеленски повтори дека е „можно да се постигне траен и достоинствен мир“ со Русија и дека очекува Соединетите Американски Држави „да останат посветени на обезбедување услови за дијалог“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Веруваме дека е подготвен билатерален документ со САД за безбедносни гаранции (за Украина по војната) и имаме намера да продолжиме со суштинската работа на документите поврзани со реконструкцијата и економскиот развој“, кажа вчера Зеленски во редовната дневна порака до граѓаните, која ја објавува на социјалните мрежи.

Мерките за смирување на ситуацијата, кои стапија во сила минатиот петок навечер, помагаат во зајакнувањето на довербата на луѓето во процесот на преговори и во можниот исход, додаде Зеленски.

По кампањата на руски воздушни напади кои сериозно го оштетија енергетскиот сектор на Украина, Кремљ минатата недела објави дека, на барање на американскиот претседател Доналд Трамп, се согласил да се воздржи од напади врз Киев, потсети парискиот весник Монд, додавајќи дека Трамп „лично“ го испратил ова барање до рускиот претседател Владимир Путин поради екстремно ниските температури во Украина.

Зеленски вчера потврди дека по таа објава руските напади врз енергетскиот сектор на Украина престанале, но дека Москва ги пренасочила нападите врз логистиката и железничката мрежа. Последните големи напади врз Украина беа на 24 јануари.

Русите, Украинците и Американците неодамна започнаа разговори во Абу Даби за мировниот план на Трамп, а ќе ги продолжат во среда и четврток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ