Зборувајќи на состанокот во Киев со холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вил, Зеленски кажа дека наводно претходно добил уверување од кинескиот претседател Си Џинпинг дека Кина нема да ѝ испорачува оружје на Русија.
„Моите пораки се многу едноставни. Имавме телефонски разговори со Си Џинпинг. Тој ме увери дека оружје нема да им биде продавано на Русите. Сепак, гледаме дека Кина ѝ дала машини за производство на оружје на Руската Федерација.
Гледаме како Кина помага да се заобиколат санкциите. Гледаме дека има кинески платеници кои се бореле против украинската армија“, изјави Зеленски.
Тој оцени дека Пекинг треба да изврши притисок врз Москва да ја запре агресијата, наместо да ги поддржува напорите кои ја продолжуваат војната.
Коментарите на Зеленски следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да разговара за војната на Русија против Украина со Си Џинпинг за време на нивниот претстоен состанок во Јужна Кореја на 30 октомври.
Трамп кажа дека Си може да има значително влијание врз рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека ќе го повика кинескиот лидер да престане да купува руска нафта.
Кина упорно негира дека ѝ обезбедува таква помош на Русија, но се соочува со зголемен притисок од Западот поради нејзината улога во снабдувањето со технологии за двојна (цивилна/воена) употреба.






