Средбата на европските лидери за Украина се одржува денес во главниот град на Ангола, пред самитот ЕУ-Африка.
Разговорите во Женева се темелеа на планот од 28 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се смета за поповолен за Москва, а има цел да му се стави крај на конфликтот што започна со руската инвазија на Украина пред речиси четири години.
„Во координација со американската страна, успеавме да вклучиме исклучително чувствителни точки. Ова се важни чекори, но за да се постигне вистински мир, потребно е многу повеќе“, рече Зеленски за време на виртуелна конференција во Шведска.
Украинскиот претседател ги поздрави мерките, вклучително и целосното ослободување на сите украински затвореници според формулата „сите за сите“ и цивилите, како и враќањето на „сите украински деца киднапирани од Русија“.
„Секако, сите ние продолжуваме да работиме со нашите партнери, особено со САД, и да бараме компромиси што нè зајакнуваат, а не нè ослабуваат“, додаде украинскиот претседател, велејќи дека неговата земја е во „критичен момент“.
Од своја страна, Кремљ денес соопшти дека не добил никакви информации по разговорите во Женева, додавајќи, сепак, дека е свесен дека се направени измени во американскиот предлог.
Првичниот текст, кој рускиот претседател Владимир Путин го пофали, содржеше неколку клучни барања од Москва, како што е отстапување украинска територија, што предизвика стравувања во Киев од присилна капитулација.
По консултациите во Женева меѓу Вашингтон и Киев, двете страни во неделата вечер потврдија дека „идниот мировен договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во неделата рече дека е голем оптимист во врска со можноста за постигнување договор, иако остануваат многу непознаници.
Трамп првично му даде рок на Зеленски до 27 ноември да одговори на неговиот план, но подоцна разјасни дека неговиот план нема да биде „конечна понуда“.






