По средбата со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, Трамп разговарал со Зеленски повеќе од час и половина. Лидерите на НАТО и европските земји се придружиле на разговорот.
Според извор запознаен со разговорот, Трамп му рекол на Зеленски дека Путин е подготвен да престане да се бори на други фронтови ако Украина се повлече од источниот дел на земјата. Зеленски одби, нагласувајќи дека нема повлекување од Донбас.
Фајненшал тајмс објави претходно денес дека на самитот со Трамп, Путин побарал Украина да се повлече од регионот Донбас во замена за замрзнување на фронтот во регионите Херсон и Запорожје. Њујорк тајмс потоа објави дека Трамп го поддржува планот и верува дека мирот може брзо да се постигне ако Украина се согласи да го предаде остатокот од Донбас, вклучително и областите што не се заземени од руските сили.
Трамп и Зеленски треба да се сретнат во понеделник во Белата куќа, а поканети се и европски лидери, иако сè уште не е јасно кој од нив ќе одговори.
Зеленски јасно ја отфрли можноста за повлекување од Донбас и минатата недела. „Ако денес се повлечеме од Донбас – од нашите утврдувања, од теренот и височините што ги држиме, очигледно ќе им го отвориме патот на Русите за нова офанзива“, оцени украинскиот претседател.
Таквиот план би бил спротивен и на предупредувањата од европските лидери дека секој мировен договор мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина и принципот дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила. Таквиот предлог би барал и одобрение од украинскиот парламент.






