четврток, 9 април 2026

Зеленски е спремен да се сретне со Путин, но не во Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин, но исклучиво на неутрална територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Подготвен сум да се сретнам со Путин. Сигурно не во Москва, ни во Киев, но има многу други места – на Блискиот Исток, Европа или Соединетите Американски Држави“, кажа Зеленски во интервју за италијанското радио Раи.

Зборувајќи за војната, Зеленски повтори дека Украина не може да се согласи на територијални отстапки, особено кога станува збор за Донбас, бидејќи, како што предупреди, тоа би ѝ овозможило на Русија полесно да ги заземе клучните позиции и да ја прошири офанзивата кон други градови, вклучително и Харков. Таквиот потег, додаде тој, би довел до длабоки поделби во украинското општество и би ја загрозил независноста на земјата.

Тој ги поздрави напорите на Соединетите Американски Држави за постигнување примирје со Иран, оценувајќи дека тоа би можело да ја ублажи глобалната енергетска криза, но истакна дека воената помош за Украина мора да продолжи. Тој исто така изјави дека трилатералните преговори со Русија во моментов се одложени поради фокусот на Вашингтон на Блискиот Исток, но дека тие ќе продолжат.

Зеленски ја пофали и италијанската премиерка Џорџа Мелони, нарекувајќи ја еден од најважните европски сојузници на Украина, со проценка дека нејзините односи со САД можат дополнително да го зголемат притисокот врз Москва.

Кога станува збор за безбедносните гаранции, тој ја нагласи потребата од долгорочно присуство на европски и американски партнери, предупредувајќи дека Русија би можела повторно да почне офанзива во наредните години.

Зборувајќи за внатрешните прашања, Зеленски кажа дека во моментов не е можно да се организираат избори поради воените услови и безбедносните предизвици, но изрази очекување дека САД дополнително ќе ги заострат санкциите против Русија, и покрај продолжувањето на извозот на руската нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ