вторник, 27 јануари 2026

Зеленски: Документот за американските безбедносни гаранции е целосно спремен

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека документот за американските безбедносни гаранции за Украина е „100 проценти спремен“ по дводневните разговори во кои учествуваа претставници на Украина, Соединетите Американски Држави и Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи со новинарите во Вилнус за време на неговата посета на Литванија, Зеленски кажа дека Украина чека своите партнери да го одредат датумот на потпишување, по што документот ќе биде испратен до Конгресот на САД и украинскиот парламент за ратификација.

Зеленски ја нагласи аспирацијата на Украина за членство во Европската Унија до 2027 година, нарекувајќи ја „гаранција за економска безбедност“.

Украинскиот претседател ги опиша разговорите во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, како веројатно првиот трилатерален формат по „доста долго време“ во кое учествуваа не само дипломати, туку и воени претставници на сите три страни.

Разговорите, кои почнаа во петокот и продолжија во саботата, се најновите напори за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина.

Зеленски ги призна фундаменталните разлики меѓу позициите на Украина и Русија, потврдувајќи ги територијалните прашања како главна точка на сопнување.

„Нашиот став во врска со нашата територија – територијалниот интегритет на Украина – мора да се почитува“, кажа Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин разговараше за договорот за Украина со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф  и Џаред Кушнер, за време на маратонските разговори во четвртокот во Москва.

Кремљ инсистира дека за да се постигне мировен договор Киев мора да ги повлече своите сили од областите на исток кои Русија ги анектираше, но сè уште не ги контролира целосно.

Зеленски кажа дека САД се обидуваат да најдат компромис, но дека „сите страни мора да бидат подготвени за компромис“.

Преговарачите ќе се вратат во ОАЕ на 1 февруари за следната рунда разговори, според американски функционер.

Неодамнешните разговори опфатија широк спектар на воени и економски прашања и вклучуваа можност за прекин на огнот пред самиот договор, според неименуваниот функционер.

Сè уште не е постигнат договор за конечната рамка за надзор и работа на украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под контрола Русија и е најголема во Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ