среда, 4 февруари 2026

Зеленски чека реакција на САД на руските напади

Володимир Зеленски вчера ја обвини Русија дека го прекршила договорот со американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на нападите врз енергетските системи на Украина во услови на студена зима, додека нејзините сили започнаа големи воздушни напади врз Киев пред трилатералните разговори во Абу Даби. Претседателот на Украина кажа дека неговата земја „чека реакција на САД на руските напади“. „Ако САД и Европа не можат да ги спречат руските напади, кој ќе верува дека постои сила што може да гарантира дека нема да избувне нова војна?“, праша Зеленски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит им кажа на новинарите во Белата куќа дека Трамп не е изненаден од последниот напад на Русија врз Украина, велејќи дека разговарала со него за нападот претходно во вторник.

Зеленски вчера изјави дека Москва извршила масовен и „намерен“ напад во текот на ноќта, во време кога температурата во Киев паднала на -20°C. Во нападот, како што изјави, бил употребен рекорден број од 71 балистички ракети, како и 450 беспилотни летала, испратени со цел уништување на енергетската инфраструктура. Повеќе од 1.000 станбени згради во Киев вчера останаа без греење.

Зеленски оцени дека Русија го прекршила ветувањето кое Трамп го презентираше минатата недела како лично барање до Владимир Путин да престане да ги напаѓа Киев и „разни градови“ една недела поради екстремно студено време. „Тој се согласи на тоа. И морам да кажам дека беше многу убаво“, рече Трамп во четвртокот.

Кремљ подоцна објави дека примирјето ќе трае само до недела. Според Украина, прекинот на огнот требало да продолжи до овој петок.

Зеленски тврди дека Русија ја користи оваа кратка пауза во борбите за да складира оружје. „Или Русија сега верува дека неделата има четири нецелосни дена наместо седум, или навистина игра само на војна и ги чека најстудените денови од оваа зима“, кажа тој. „Веруваме дека овој руски напад јасно го крши она што го дискутираше американската страна и дека мора да има последици“.

Втората рунда разговори меѓу Русија, Украина и САД за завршување на војната е закажана да се одржи во среда и четврток во Абу Даби. Првата рунда, одржана минатиот месец, не донесе никаков напредок.

За време на посетата на Киев генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја обвини Москва дека се обидува да „предизвика хаос кај невините цивили“. Тој кажа дека Зеленски е „апсолутно подготвен да игра според правилата“ во разговорите оваа недела, прашувајќи дали Русите се „сериозни“. Тој го нарече ноќниот напад „навистина лош сигнал“.

Руте го пофали Трамп како единствен човек способен да посредува во мирно решение, речиси четири години по почетокот на војната во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ