недела, 14 декември 2025

Здружението на водечките светски експерти: Израел спроведува геноцид во Газа

Здружението на водечки светски експерти за геноцид усвои резолуција во која се наведува дека се исполнети законските критериуми за утврдување дека Израел врши геноцид во Појасот Газа, објави денес претседателот на тоа здружение.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дури 86 отсто од членовите кои гласале во рамките на Меѓународното здружение на истражувачи на геноцид, кое има околу 500 членови, ја поддржале резолуцијата, објавува Ројтерс.

„Политиките и дејствата на Израел во Газа ја исполнуваат законската дефиниција за геноцид од Член 2 од Конвенцијата на Обединетите нации од 1948 година за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“, се наведува во резолуцијата.

Досега нема реакција од министерството за надворешни работи на Израел. Израел претходно остро ги отфрли обвинувањата дека неговите дејствија во Газа претставуваат геноцид, тврдејќи дека тоа била легитимна самоодбрана. Постапката е во тек пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што Израел се соочува со обвиненија за геноцид.

Израел започна офанзива врз Газа во октомври 2023 година откако борците на Хамас – палестинската милитантна група што ја контролира територијата – започнаа напад врз израелските заедници на границата со Газа, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници.

Оттогаш, израелската војска убила околу 63.000 луѓе, ги уништила или сериозно ги оштетила повеќето згради во Газа и ги принудила речиси сите жители да ги напуштат своите домови барем еднаш. Глобалните набљудувачи на кои се потпираат Обединетите нации велат дека делови од Газа сега страдаат од вештачки предизвикан глад, што Израел исто така го негира.

Хамас во Газа го поздрави усвојувањето на оваа резолуција.

„Оваа реномирана научна позиција дополнително ги потврдува документираните докази и факти презентирани пред меѓународните судови“, кажа Исмаил Ал Шавабта, директор на владината канцеларија за односи со медиумите во Газа, управувана од Хамас.

Тој додаде дека резолуцијата „правно и морално ја обврзува меѓународната заедница итно да дејствува за да го запре злосторството, да ги заштити цивилите и да ги повика на одговорност водачите на окупацијата“.

Од своето основање во 1994 година, Здружението на истражувачи на геноцид усвои девет резолуции со кои се признаваат историски или тековни случаи на геноцид.

Конвенцијата на ООН за геноцид од 1948 година, усвоена по масовните убиства на Евреите во нацистичка Германија, го дефинира геноцидот како злосторства извршени „со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“.

Конвенцијата ги обврзува сите држави да преземат мерки за спречување и запирање на геноцид.

Делата што претставуваат геноцид вклучуваат убивање членови на група, нанесување тешки физички или ментални повреди, создавање услови што водат до уништување на групата, спречување на раѓања во рамките на групата, како и присилно преместување на деца во друга група.

Тројната резолуција, усвоена од научниците, го повикува Израел „веднаш да ги прекине сите дејства кои претставуваат геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото против Палестинците во Газа, вклучувајќи намерни напади и убиства на цивили, вклучително и деца; предизвикување глад; негирање на хуманитарна помош, вода, гориво и други средства неопходни за опстанок на населението; сексуално и репродуктивно насилство; и присилно раселување на населението“.

Во резолуцијата, исто така, се наведува дека нападот на Хамас врз Израел, кој доведе до избувнување на војна, претставува меѓународно злосторство.

„Ова е конечната оценка на експертите од областа на студиите за геноцид дека на терен во Газа се случува геноцид“, изјави претседателката на Здружението, Мелани О’Брајан, професорка по меѓународно право на Универзитетот во Западна Австралија, специјализирана за прашањето на геноцидот.

Сергеј Василев, професор по меѓународно право на Отворениот универзитет во Холандија, кој не е член на здружението, изјави за Ројтерс дека резолуцијата покажува како „овој вид правна проценка стана доминантен во академските кругови, особено во областа на студиите за геноцид“.

Неколку меѓународни организации за човекови права, како и некои израелски невладини организации, веќе го обвинија Израел за геноцид. Минатата недела, стотици вработени во Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк, испратија писмо во кое го замолија јасно да ја опише војната во Газа како геноцид во тек.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ