Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот со своето преобликување на политиките за вакцинација на децата поттикнува отпор во породилиштата, каде што лекарите велат дека родителите сè почесто се двоумат дали да дозволат и други рутински постапки за нега на новороденчињата.
Педијатри во пет сојузни држави изјавиле за Ројтерс дека трошат сè повеќе време разговарајќи со родителите за стандардните третмани што им се даваат на бебињата веднаш по раѓањето, вклучително и витаминот К, кој спречува опасни крвавења, како и локален антибиотик што штити од инфекции на очите.
„Бележиме падови и отпор кога станува збор за каква било интервенција“, изјави д-р Рана Алиса, претседателка на разгранокот на Американската академија за педијатрија во Флорида.
Таа рече дека неодамнешните потези на Министерството за здравство и социјални служби предизвикале „целосна конфузија“ кај родителите, зајакнувајќи ја недовербата кон медицинската заедница.
Портпарол на Министерството за здравство и социјални служби изјави дека тоа министерство „не се согласува“ со тврдењата дека политиката за вакцини имала какво било влијание врз примената на третманите за новороденчиња, како што се витаминот К и еритромицинската маст за очи.
Кенеди, со поддршка од претседателот Доналд Трамп, ги повлече повеќедецениските насоки за рутинска вакцинација на децата против шест заразни болести, вклучително грип и хепатитис Б, наведувајќи дека за нивната примена наместо тоа треба да одлучуваат родителите и здравствените работници.
Центарот за контрола и превенција на болести, кој претходно препорачуваше сите деца да бидат вакцинирани против 17 болести, во јануари даде широка поддршка за само 11 имунизации.
„Родителите се оптоварени од тоа што се соочуваат со контрадикторни информации од ‘социјалните мрежи, вајбер-групи или од луѓе што објавуваат нешто врз основа на едно искуство тук-таму’ – и навистина им е тешко да ги разграничат“, изјави д-р Кетрин Клаузер, педијатарка од Њу Џерси.
Според неодамнешна студија објавена во списанието ЈАМА, во 2024 година повеќе од 5 отсто од новороденчињата не добиле витамин К, кој се препорачува уште од 1961 година, што претставува пораст во однос на помалку од 3 отсто во 2017 година.
Во студијата, падот се припишува на недоволно разбирање на потребата од инјекцијата, како и на загриженост поради болка и несакани ефекти – прашања што се потхранети од недовербата што порасна за време на пандемијата на ковид-19.
„Бебињата не се раѓаат со доволно витамин К, кој помага во згрутчувањето на крвта… тој се троши за време на бременоста и не преминува баш добро преку плацентата“, рече Клаузер. Таа наведе дека некои родители наместо тоа дозволуваат орална варијанта, иако таа е помалку ефикасна.
„Значи, сè додека вашето бебе нема никакви повреди во првите три месеци, шест месеци од животот – во ред сте, дури и ако не ја прими инјекцијата со витамин К“, рече д-р Емили Лендон, лекарка за инфективни болести на Универзитетската медицина во Чикаго. „Меѓутоа, ако нешто се случи и бебето добие некаква повреда… тогаш може да умре поради крвавење и загуба на крв.“
Лекарите велат дека сè повеќе родители ја одбиваат и еритромицинската маст за очи, која рутински се нанесува кај новороденчињата за да се спречи потенцијално заслепувачка инфекција на очите предизвикана од сексуално преносливи бактерии, како што се гонореја и хламидија.
Тој третман е „само маст“, но некои родители веруваат дека ризикот од инфекција е премал за да ја оправда неговата примена, изјави д-р Елизабет Мак, педијатарка-интензивистка во Чарлстон, Јужна Каролина. „Не ни веруваат.“
Таа рече дека некои родители е можно да се убедат дека антибиотикот е неопходен, но дека мора да внимаваат кога се повикуваат на истражувања, бидејќи „зборот ‘студија’ сега е застрашувачки“. Потенцијалните инфекции би можеле да се пренесат од мајката на детето.
„Никој не сака да мисли дека има хламидија, но факт е дека нашите тестови за хламидија не се сјајни“, рече Лендон. „Бебињата не треба да го губат видот затоа што мајката не сфатила дека има хламидија.“
Педијатрите истакнуваат дека и за нив и за родителите целта е децата да бидат здрави.
„Навистина веруваме дека најдобро е бебињата да бидат заштитени така што уште при раѓањето ќе ги добијат овие клучни лекови, како и да продолжат да ги примаат сите вакцини во препорачаните термини“, изјави д-р Мелиса Стоквел, професорка по педијатрија на Универзитетот Колумбија.
Американската академија за педијатрија препорачува рутинска имунизација за заштита од болести вклучувајќи респираторен синцицијален вирус, хепатитис А, хепатитис Б, ротавирус, грип и менингококна болест, а сето тоа е отстрането од универзалната препорака на Центарот за контрола и превенција на болести.
Педијатрите нагласија дека родителите треба да поставуваат прашања и да ги разберат здравствените придобивки од вакцините и другата превентивна нега. „Ги охрабруваме сите родители да дојдат и да разговараат“, рече д-р Мајкл Глејзер, педијатар од Џексонвил, Флорида. „Имаме гласно малцинство родители што ги доведуваат во прашање вакцините.“
Во исто време, рече тој, неодамнешните епидемии на мали сипаници во Тексас и Јужна Каролина ги навеле други родители да бараат децата да се вакцинираат порано, загрижени дека „во иднина можеби нема да можат да ги добијат“.
На конференциски повик со медиумите во понеделникот, д-р Шон О’Лири, претседавач на Комитетот на Американската академија за педијатрија за заразни болести, изјави дека родителите се бомбардирани со антиваксерски пораки од различни делови на интернетот. „Сега, за жал“, рече тој, „добија мегафон од сојузната влада“.






