Првиот состанок се одржа вчера, по интензивните дипломатски напори во четврток. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос во четвртокот, додека американските претставници во исто време имаа одделни, ноќни разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Според Неофицијални информации трилатералните разговори во Абу Даби биле фокусирани на две прашања: иднината на окупираниот украински регион Донбас и евентуално прекинување на нападите врз енергетската инфраструктура.
„Прашањето за Донбас е клучно. Ќе се дискутира за тоа, како и за модалитетите според сите три страни, во Абу Даби“, потврди Зеленски пред новинарите пред почетокот на разговорите.
Пред два дена Путин ѝ рече на американската делегација дека без решавање на територијалното прашање, „нема смисла да се надеваме“ на крај на војната, според неговиот советник Јуриј Ушаков. Путин инсистираше дека секој договор мора да го реши проблемот „според формулата договорена во Енкориџ“, мислејќи на состанокот на Путин и Трамп одржан во август 2025 година на Алјаска.
Пред тој состанок Кремљ побара Киев да ги повлече своите сили од делови од регионите Доњецк и Луганск кои Русија не ги контролира целосно. Ушаков кажа дека Путин го повторил тој став пред американските преговарачи, нагласувајќи дека ова е услов за кој не може да се преговара кога станува збор за напредок кон долгорочен договор.
Синоќешниот руски напад со беспилотни летала и ракети врз Киев и вториот по големина град во Украина, Харков, го натера украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој не беше присутен на разговорите во Абу Даби, да го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „цинизам“.
„Овој варварски напад уште еднаш докажува дека местото на Путин не е во мировниот комитет, туку на обвинителната клупа на специјален суд“, напиша министерот за надворешни работи Сибиха на социјалната мрежа Икс.
Киев е под зголемен притисок од администрацијата на Трамп да направи отстапки за да се постигне мировен договор во војната во Украина која почна во февруари 2022 година.
Сепак, барањето на Путин Киев да ги предаде 20-те проценти од Донецк кои сè уште го контролира, површина од околу 5.000 квадратни километри, се покажува како главна пречка за каков било понатамошен договор.
Зеленски одбива да ја предаде територијата која Русија не успеа да ја освои во четиригодишната војна. Анкетите спроведени меѓу Украинците покажуваат многу мала склоност кон територијални отстапки.
Иако Русија тврди дека сака дипломатско решение, таа ќе продолжи да ги остварува своите цели преку воени средства сè додека се чини дека договорено решение е недостижно.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала 375 беспилотни летала и 21 проектил во ноќниот напад. Целта на нападот била енергетската инфраструктура, електричната енергија и греењето кои биле прекинати во големи делови од главниот град Киев. Најмалку едно лице е убиено во нападите, а 23 се повредени.
Пред последното бомбардирање, Киев веќе претрпе два големи напади од почетокот на 2026 година. Вицепремиерот денес изјави дека 800.000 луѓе во Киев останале без електрична енергија, со температури околу 10 степени под нулата.
Зеленски истакна дека последниот руски напад покажал дека договорите за континуирана поддршка за воздушна одбрана договорени со Трамп во Давос оваа недела мора да бидат „целосно спроведени“.






