„Ја осудуваме таа одлука и најстрого бараме таа веднаш да се повлече“, рекоа министрите за надворешни работи на тие земји.
Проектот за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег треба да ја подели палестинската област на два дела, спречувајќи секаков територијален интегритет на идната палестинска држава.
Мерките што ги презема израелската влада „ја компромитираат нашата заедничка волја да обезбедиме безбедност и просперитет на Блискиот Исток“, нагласија шефовите на дипломатиите на 21 земја.
Меѓу нив се Австралија, Белгија, Канада, Данска, Естонија, Финска, Франција, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Словенија, Шпанија, Шведска и Велика Британија. Соопштението го потпиша и шефицата на дипломатијата на Европската Унија Каја Калас.
Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, активист на крајната десница, вчера повика на забрзување на планот за анектирање на Западниот Брег, кој Израел го окупира од 1967 година, како одговор на најавата на неколку земји дека ќе ја признаат палестинската држава.
Со исклучок на Источен Ерусалим, кој Израел го анектираше, речиси три милиони Палестинци живеат на Западниот Брег, заедно со околу 500.000 Израелци во населби кои Обединетите нации ги сметаат за нелегални според меѓународното право.






