Австрискиот дневен весник пишува дека во опкружувањето на Европската Унија се води борба за влијание, и додека во Украина Русија за влијанието се бори со војна, на Западен Балкан таа битка не се води со оружје, туку со пари.
Сегашната состојба, според весникот, е опишана во анализата на виенскиот Институт за меѓународно стопанство (ВИИВ), и таа накратко укажува дека „на Западен Балкан влијанието на Кина расте, додека влијанието на Европа се топи“.
Авторот на истражувањето Бранимир Јовановиќ од ВИИВ вели за Пресе дека Европската Унија и понатаму е најголемиот донатор во регионот, но дека Кина брзо ја стигнува: од 2008 до 2023 ЕУ на Западен Балкан ставила на располагање кредити со вкупна вредност од 25 милијарди евра за инфраструктурни проекти. Кина во рамки на својата иницијатива Појас и пат вети 17 милијарди. Во Србија Кина според финансиските инјекции веќе ја престигна Европската Унија, пишува Пресе.
И сето тоа се случува иако повеќето влади во регионот, според Јовановиќ, повеќе би сакале да земаат кредити од ЕУ. Тој вели дека кинеските кредити се поскапи и имаат пократки рокови за исплата од европските, но затоа се пофлексибилни и имаат помалку услови, поради што се почесто првиот избор.
Сепак, кредитите покажуваат само дел од сликата, бидејќи ЕУ на Западен Балкан му дава и финансиска помош, а Кина не дава речиси ништо, пишува Пресе.
Од 2008 до 2023 ЕУ на Западен Балкан му ставила на располагање неповратни средства од околу 13 милијарди евра, додека Кина во периодот од 2001 до 2021 на регионот му дала само 350 милиони евра.
Во просек, помошта на ЕУ преку инструментот за претпристапна помош ИПА и преку економскиот и инвестициски план за Западен Балкан ВПТФ во целиот регион годишно учествувала во БДП со 2,4 отсто, а финансискиот ангажман на Кина е двојно помал.
„Значи Европа е најголемиот финансиер на Западен Балкан, и тоа во догледно време и ќе остане. Но Европа е воедно и прилично трома како донатор на пари“, оценува Пресе.
„Многу проекти со ветена финансиска помош од Европа се реализираат исцрпувачки споро“, вели Јовановиќ додавајќи дека улогата на Кина како кредитор расте пред сè поради тоа што Европа тоа го дозволува и затоа што не се меша претерано.
Европа, според него, мора да стане побрза и помалку бирократска, и регионот да не го гледа само низ призмата на можното проширување на ЕУ, туку и преку геоекономски и геополитички очила.
И тоа затоа што кинеското присуство во регионот доаѓа со нуспојави.
Геополитички затоа што во опкружувањето расте влијанието на Пекинг. Економски затоа што Кина по правило инсистира во инфраструктурните проекти да учествуваат кинески претпријатија кои испраќаат кинески работници, а со тоа доаѓаат одредени дилеми врзани за корупцијата, проекти со послаб квалитет, кршење на правата на работниците и уништување на животната средина, вели Јовановиќ.