Не постои прирачник за тоа како да се носи со зголемените закани на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на сојузничка територија по секоја цена. Стратегијата на генералниот секретар на НАТО Марк Руте досега беше да молчи, но тоа нема да трае долго.
Данската премиерка Мете Фредериксен се обиде да ги ограничи американските амбиции предупредувајќи дека „доколку САД одлучат воено да нападнат друга земја од НАТО, тогаш сè запира, вклучително и НАТО, а со тоа и безбедноста што е воспоставена по крајот на Втората светска војна“.
Сегашната ситуација – остварување на сонот на советските лидери
Но, дури и пред да се направат какви било воени потези – или можеби пред нив – на не треба да се потценува влијанието на ескалирачката реторика.
„Огромна победа за (рускиот претседател Владимир) Путин е што воопшто ја водиме оваа дискусија“, забележа Патрик Оксанен, виш соработник на Стокхолмскиот форум за слободен свет, додавајќи дека сегашната ситуација во рамките на алијансата е остварување на сонот на советските лидери.
„Тука на далечниот север, го сфаќаме тоа доста сериозно, особено затоа што овие изјави дојдоа набрзо по Венецуела и беа дополнително засилени не само од претседателот Трамп, туку и од неговиот советник (Стивен) Милер“, кој го доведе во прашање суверенитетот на Данска над Гренланд и тоа дали некои европски трупи воопшто би се спротивставиле на САД.
Вознемиреноста ја засили постот на сопругата на Милер, Кејти, на социјалните мрежи, на која е прикажана мапа на Гренланд прекриена со американско знаме и зборот „Наскоро“.
Ед Арнолд од Кралскиот институт за обединети служби (РУСИ), и самиот поранешен функционер во воениот штаб на НАТО, се согласува дека уште сега ѝ се „нанесува штета“ на алијансата.
„Тоа е алијанса изградена врз вредности и доверба“, изјави Арнолд за Дојче веле, па „дури и доаѓањето до оваа точка ја ослабува алијансата“. Самата идеја за одржување консултации за ова прашање во НАТО би била лоша поради „оптиката“, додаде тој, бидејќи тоа би значело дека „32 сојузници седат на масата, а главниот предизвик и закана доаѓа од некој на истата таа маса“.
Некои набљудувачи сугерираат дека едно решение би можело да биде европските членки на НАТО да испратат трупи на Гренланд, за да му покажат на Трамп дека сериозно ја сфаќаат неговата одбрана и дека секое еднострано распоредување на сили од САД би било непотребно.
Директорот на Институтот за безбедносни студии на Европската унија Стивен Еверт смета дека таквата иницијатива може да биде корисна, но само ако е водена од соодветни причини. „Европејците треба сериозно да ја сфатат безбедноста на Арктикот“, кажа тој, „и ако има празнини, треба да се обидеме да ги пополниме“.
Сепак, тој предупредува дека не треба да се пристапува кон тоа како обид да се смири Трамп, бидејќи веќе е покажано дека ваквите обиди „не функционираат“.
„Луѓе, ова не е вежба. Ова не е нешто што можете само да чекате и да се надевате дека ќе биде подобро. Ова ќе се промени само ако преземеме решителни чекори за да ги одбраниме нашите позиции – не агресивно, нема да се бориме со американската војска за Гренланд ако дојде до тоа – но мора да бидеме многу, многу јасни за тоа како ја гледаме иднината на Гренланд, иднината на алијансата и сè што оди со тоа“.
Дански десничар против Трамп
Андерс Вистисен, дански член на Европскиот парламент, се согласува со Еверт и верува дека Европа треба „да престане да игра дипломатски игри, да попушта, да се обидува да ги убеди САД да бидат поразумни или да ги смири со зголемени воени инвестиции во Арктикот или давање концесии за рударство во Гренланд, или сè друго за што се зборуваше“.
Иако политичката припадност на Вистисен, како член на десничарската Данска народна партија, може да наведе некого да помисли дека би се согласил со Трамп за некои прашања, пратеникот всушност се појави на насловните страници пред една година – и предизвика бура – кога употреби пцовка за да му каже на Трамп што би можел да направи со својата намера да го купи Гренланд.
Тој за Дојче веле изјави дека ветил дека нема јавно да ја повторува таа фраза, но дека сè уште стои зад тоа мислење и својата тактика на користење отворен јазик за да му стави до знаење на Вашингтон дека неговата позиција е неприфатлива.
„Се наоѓаме во момент кој е толку сериозен што нема простор за сомнеж или какво било маневрирање во нашата комуникација“, вели Вистисен. „Мораме да имаме многу силен и апсолутно јасен одговор и да им кажеме на американската администрација и на претседателот Трамп: не, нема да имате никакви права или претензии кон Гренланд и нема да нè убедувате, притискате или заплашувате да правиме поинаку“.
Вистисен вели дека иако ги цени изјавите за поддршка од другите европски лидери, не верува дека тие всушност би испратиле војници на Гренланд. Тој очекува токму неговата премиерка да обезбеди доволно силна одбрана. „Ова е прашање кое мора да се реши меѓу Кралството Данска и американската администрација“, кажа тој.
Дански левичар; Спремни сме да употребиме оружје
Пер Клаусен, од редовите на Левицата, смета дека токму другата страна на Брисел би можела да има моќ да влијае на оваа ситуација. Клаусен испрати писмо до своите колеги во Европскиот парламент во кое предложи да се суспендира одобрувањето на царинскиот договор – кој нашироко се смета за фаворизирачки за САД – сè додека Вашингтон не се откаже од Гренланд.
„Ако го прифатиме овој договор додека Трамп се заканува на меѓународниот поредок и има директни територијални претензии кон Данска“, се наведува во писмото на Клаусен, „тоа ќе се смета за награда за неговата акција и само ќе додаде масло на огнот“.
„Имаме многу што можеме да направиме што би им наштетило на САД многу сериозно, ако зборуваме за економијата“, кажа Клаусен.
„И мислам дека мораме апсолутно јасно да им ставиме до знаење на Соединетите Држави дека сме подготвени да го користиме тоа оружје ако САД не ја запрат својата агресија врз Гренланд“.
Клаусен, во разговор за Дојче веле, вели дека неговите сограѓани се „многу, многу лути“, повеќе отколку исплашени. Тој се надева дека неговиот предлог ќе добие доволно политичка тежина за да ги натера САД да обрнат внимание, односно да „сфатат дека Данска не е изолирана во оваа ситуација и дека европските лидери не само што зборуваат за солидарност со Данска и Гренланд, туку се подготвени и да дејствуваат“.
Може ли притисок од ЕУ да го спаси НАТО?
Стивен Еверт вели дека во тоа гледа барем еден охрабрувачки знак. За време на состанокот во Париз, одржан како дел од „коалицијата на спремните“ за поддршка на Украина, лидерите на Германија, Италија, Полска, Шпанија и Обединетото Кралство ѝ се придружија на данската премиерка Мета Фредериксен во заедничка изјава во која нагласија дека „од Данска и Гренланд зависи – и само од нив – да одлучат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“.
Тие ја издадоа изјавата кратко пред состанокот со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер, при што европските лидери не се воздржуваат од потенцијалниот конфликт кој би можел да го предизвика таков потег, или неговото влијание врз поддршката на САД за европските напори за Украина.
Иако овој чекор може да изгледа мал, Еверт вели дека тој „јасно дава до знаење колку сериозно“ лидерите ја сфаќаат оваа закана.






