На прашањето за неодамнешната изјава на Вучиќ дека купувачите на муниција произведена во Србија можат да прават што сакаат со неа, Захарова потсети дека Москва постојано добивала гаранции од српското раководство, дури и на највисоко ниво, дека извозот на муниција е под строга контрола и дека овие производи „нема да бидат испорачани во Украина“, за Киев да не ги користи против руски војници.
„Само ќе ве потсетам кои се овие војници. Тие се војници кои припаѓаат на оние оружени сили кои неколкупати му доаѓале на помош, историски и во современиот период, на пријателскиот српски народ“, кажа Захарова.
„Одбивам дури и да ја разгледам не само можноста, туку и темата воопшто дека руските војници, кои историски ги дале своите срца, во секоја смисла на зборот, давајќи ги своите животи или покажувајќи ја својата љубов и лојалност кон своите српски браќа, ќе бидат ранети или убиени токму од српско оружје, муниција, гранати. И дека тоа нема да се случи по некоја несреќна случајност или поради неверојатен сплет на околности, туку со елементи на намерно и промислено дејствување“, додаде Захарова.
Таа истакна дека ова никогаш не смее да се случи и дека претпоставува дека Белград строго ќе се придржува до дадените ветувања.
„Тие ветувања не беа дадени само на одредени луѓе, на одредена земја. Тие ветувања ги даде претседателот на независна, суверена држава избран од народот. Тие не беа упатени кон никого конкретно, туку декларирани како став на легално избран претседател кој ја изразува волјата на својот народ“, кажа Марија Захарова.
На крајот таа остави можност „медиумите нешто да извртеле“, но верува дека во тој случај треба да следи објаснување од надлежната прес-служба на претседателот на Србија, која треба да разјасни дали е сè правилно цитирано.






