понеделник, 8 декември 2025

Захарова за американските напади на Карибите: Многу сме загрижени за ова што го прават САД, ова е опасен преседан

Москва изрази длабока загриженост поради ескалацијата на американските воени активности на Карибите, а портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова ги оцени ваквите потези како очигледна интервенција во внатрешните работи на јужноамериканските земји. „Исклучително сме загрижени за воените методи кои ги избраа Соединетите Американски Држави за решавање на проблемот, кои се повеќе очигледна интервенција во внатрешните работи на јужноамериканските земји отколку што било друго“, изјави Захарова пред новинарите во Москва.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Захарова истакна дека постапките на САД го кршат меѓународното право и „директно се спротивставуваат“ на обврските на Вашингтон според Конвенцијата на Обединетите нации против нелегалната трговија со наркотични дроги од 1988 година.

„Неоснованите воени напади врз цивилни бродови се опасен преседан кој отвора пат за неселективни напади врз која било земја под псевдо-изговор за борба против трговијата со дрога“, предупреди таа.

Таа додаде дека Русија ја дели загриженоста изразена од Венецуела и Колумбија и нагласи дека борбата против трговијата со дрога не треба да се користи како „лост за притисок врз суверена држава“. „Категорично се спротивставуваме на употребата на сила или заканата за мешање во внатрешните работи под разни изговори, вклучително и борбата против трговијата со дрога“, кажа Захарова.

Вашингтон распореди повеќе од десет воени бродови, вклучувајќи носач на авиони, и приближно 15.000 војници на Карибите, опишувајќи ја операцијата како дел од проширена кампања против трговијата со дрога. Сепак, властите во Каракас ги обвинуваат САД дека всушност подготвуваат државен удар во земјата под маската на таа операција.

Од септември оваа година американската војска изврши најмалку 20 напади врз бродови за кои тврдат дека превезуваат дрога, а во нападите наводно загинале 80 лица. Во исто време, не беа дадени никакви докази дека нападнатите бродови навистина биле вклучени во шверц на дрога.

Како одговор на американските воени акции, Венецуела мобилизираше редовни воени единици и цивилни милиции низ целата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ