Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави, како што објави руската агенција Интерфакс, дека Русија испратила „предупредување“ до балтичките држави за наводно дозволување на Украина да го користи нивниот воздушен простор за напади врз руска територија.
„На овие држави им е дадено соодветно предупредување. Ако режимите на овие држави имаат барем малку разум, ќе го послушаат. Ако не, ќе мора да се соочат со одговор“, рече Захарова. Слични изјави даде неколку дена претходно и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
По првите инциденти во кои украински беспилотни летала на пат кон руските балтички пристаништа влегоа во воздушниот простор на балтичките држави, во руските медиуми и на социјалните мрежи почнаа да се шират тврдења дека овие земји дозволиле користење на нивниот воздушен простор.
Латвија изјави дека Русија води дезинформациска кампања за ова прашање и поднесе протест до Москва, додека Естонија категорично ги отфрли обвинувањата дека ѝ дала таква дозвола на Украина. Украинското Министерство за надворешни работи им се извини на партнерите за инцидентите и изјави дека беспилотните летала најверојатно скршнале од својот курс под влијание на руските системи за електронско војување.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха подоцна изјави дека Русија намерно ги пренасочува украинските дронови за да влезат во воздушниот простор на балтичките држави.
Најкратката директна рута од Украина до руските пристаништа во регионот на Санкт Петербург поминува покрај источната граница на Белорусија, односно над нејзините источни региони, и покрај Латвија и Естонија.






