„Тие самите шират некои гласини, а потоа самите ги побиваат“, изјави Захарова, според руската новинска агенција РИА Новости.
Американската телевизиска мрежа Си-ен-ен денес објави, повикувајќи се на неименуван функционер на Белата куќа, дека средбата меѓу Рубио и Лавров, која се очекува оваа недела, засега нема да се одржи, што укажува дека ова ја одложува и можноста за брза средба меѓу Трамп и Путин.
Захарова истакна дека Ројтерс објавил дека средбата меѓу рускиот министер и американскиот државен секретар би можела да се одржи оваа недела, а дека според извештајот на Си-ен-ен, таа засега е одложена.
Како што додаде таа, според изворите на Си-ен-ен, средбата наводно била одложена поради фактот што Лавров и Рубио имаат различни очекувања во врска со можниот крај на украинскиот конфликт.
Претходно, РИА Новости ги објави зборовите на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков како одговор на прашањето за извештајот за наводното одложување на средбата меѓу Лавров и Рубио, кој кажа дека не може да се одложи нешто што не е ниту договорено.
„Не можете да одложите нешто што не е договорено. Не го потврдивме она што го напишаа некои западни извори вчера. Немавме јасно разбирање за времето или локацијата на таков контакт“, кажа Рјабков.
Тој кажа и дека конкретното прашање за средбата меѓу Лавров и Рубио дури и не било поставено за време на нивниот телефонски разговор вчера. Тој истакна дека постои како идеја, иако е прерано да се зборува за прецизен распоред.
Вчера, Рубио и Лавров разговараа по телефон за следните чекори по минатонеделниот разговор меѓу нивните двајца претседатели за евентуален крај на конфликтот во Украина, според кратката изјава на Стејт департментот за тој разговор меѓу двајцата шефови на дипломатии.
Кремљ го опиша повикот како „конструктивен разговор“ на кој беа разгледани „можни конкретни чекори за спроведување на разбирањето“ кои Трамп и Путин го постигнаа за време на нивниот телефонски разговор.






