петок, 19 декември 2025

Загреб: Деловниот солитер Вјесник ќе мора итно да се урне

Деловниот солитер Вјесник во поширокиот центар на Загреб ќе мора итно да се сруши по неодамнешниот пожар во кој речиси целосно изгоре, беше објавено во главниот град на Хрватска. Хрватскиот министер за градежништво и државен имот Бранко Бачиќ им изјави на новинарите дека Хрватскиот центар за земјотресно инженерство (ХЦПИ) заклучил дека е потребно да се продолжи со отстранување на објектот поради ризик од уривање и дека тоа треба да се направи што е можно поскоро.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

„Мора да се отстрани и за тоа мора да се подготви потребната документација и да се изврши стручен надзор при отстранувањето“, кажа Бачиќ.

На прашањето кога да се започне со уривањето, тој одговори дека разговорите со струката веќе започнуваат за да се утврди методот на отстранување.

Претставникот на ХЦПИ Марио Урош кажа дека е заклучено дека е потребно што е можно поскоро да се отстрани таа деловна зграда, бидејќи има сериозни статички оштетувања во конструкцијата.

„Колку подолго стои таквата структура, толку е поголема опасноста од уривање“, предупреди Урош.

Тој кажа дека му е јасно дека различни служби ќе мора да влезат во зградата за потребите на истрагата, но дека не може да се гарантира безбедноста.

„Треба да останете внатре многу кратко време и на сопствен ризик“, заклучи Урош.

Пожар избувна во една од најголемите и најпознатите канцелариски згради во Загреб, во мнозинска сопственост на државата на 17 ноември околу 23 часот. Под сомнение за предизвикување на пожарот, уапсени се двајца 18-годишници, а истражниот судија им изрече едномесечен притвор поради ризик од повторување на кривичното дело.

Обвинителството во Загреб го сомничи првиот осомничен за палење картонска кутија полна со хартија во зградата Вјесник вечерта на 17 ноември, а вториот осомничен за палење хартија од таа кутија што ја фрлил, поради што пожарот брзо се проширил.

Според обвинителството, пожарот потоа зафатил неколку ката од зградата на Вјесник, што предизвикало голема материјална штета.

Хрватските медиуми објавуваат дека групата тинејџери биле во деловна зграда поради предизвик од социјалната мрежа Тикток.

Повикувајќи се на неофицијални извори, Јутарњи лист објави дека групата млади луѓе, меѓу кои и неколку малолетници, влегле во зградата Вјесник во своето слободно време и со желба за предизвици. Тие пронашле групи на социјалните мрежи за напуштени или недоволно искористени згради, а нивната цел била да се протнат во зградата, да го снимат предизвикот и да го остават просторот нечепнат, но работите се искомплицирале кога избувнал пожарот и неочекувано брзо се проширил.

Адвокатот на еден од осомничените им кажал на новинарите дека неговиот клиент активно се бранел и негирал вина.

„Приказната е слаба. Тој ја негира. Во шок е. Тој е примерен ученик, матурант“, им кажал на новинарите адвокатот Иван Орешковиќ.

Момчињата кои тукушто станале полнолетни досега немале никакви проблеми со законот.

Полицијата и пожарникарите сè уште ја контролираат областа околу Вјесник, но влегувањето во зградата, која е речиси целосно изгорена, во моментов е невозможно и затоа не е спроведена никаква истрага.

На сила е посебна сообраќајна регулатива, патиштата околу раскрсницата на Славонска авенија и Савска цеста се затворени, што доведува до големи гужви на една од најпрометните раскрсници во градот и на други улици во тој дел од градот.

Солитерот, кој некогаш беше симбол на новинарството и Загреб, е висок 67 метри и има 16 ката, а е граден во текот на девет години, од 1963 до 1972 година.

Во последните дваесет години деловната зграда, некогаш седиште на дневниот весник Вјесник, по кој го доби и своето име, била претежно празна и запуштена, со само повремена канцелариска употреба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ