Коментарите на членот на израелскиот кабинет за безбедност, Зеев Елкин, дојдоа еден ден откако Британија соопшти дека ќе признае палестинска држава во септември, освен ако Израел не преземе чекори за ублажување на страдањата во Газа и постигнување прекин на огнот во војната со Хамас.
Франција, која минатата недела објави дека ќе признае палестинска држава во септември, и Саудиска Арабија во вторникот издадоа декларација, поддржана од Египет, Катар и Арапската лига, во која се наведени чекорите за спроведување на решение со две држави. Како дел од завршувањето на војната во Газа, тие изјавија дека Хамас „мора да го заврши своето владеење во Газа и да го предаде оружјето на Палестинската самоуправа“.
Израел ги осуди потезите за признавање палестинска држава, опишувајќи ги како наградување на Хамас за нападот од октомври 2023 година што, според нив, доведе до војната.
Интегрираниот систем за класификација на фазите на безбедноста на храната (ИПЦ) соопшти дека се одвива најлошото сценарио на глад и дека се потребни итни мерки за да се избегнат масовни смртни случаи. ИПЦ укажа на можноста кризата во Газа официјално да се класифицира како глад, со надеж дека ова би можело да го зголеми притисокот врз Израел да обезбеди многу повеќе храна, објави Ројтерс.
Палестинската власт објави дека повеќе од 60.000 Палестинци се потврдени како мртви во израелската офанзива на Појасот Газа.
Предупредувањето на британскиот премиер Кир Стармер го зголемува притисокот врз Израел во услови на меѓународна осуда за начинот на кој води војна. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во објава на социјалната мрежа Икс изјави дека одлуката на Стармер „го наградува монструозниот тероризам на Хамас и ги казнува неговите жртви“, додавајќи дека „џихадистичката држава на границата со Израел денес ќе биде закана за Велика Британија утре“.
Велика Британија ги отфрли обвинувањата.
„Ова не е награда за Хамас. Хамас е одвратна терористичка организација која изврши ужасни злосторства. Ова го засега палестинскиот народ. Ги засега децата што ги гледаме во Газа како умираат од глад“, кажа министерката за транспорт Хајди Александар. Таа додаде дека мора да се зголеми притисокот врз израелската влада да ја укине блокадата за да може помошта да влезе во Газа.
Семејствата на израелските заложници кои сè уште се во Газа апелираа палестинска држава да не биде признаена пред да бидат вратени нивните најблиски, објави Ројтерс.
„Таквото признавање не е чекор кон мир, туку јасно кршење на меѓународното право и опасно морално и политичко промашување што ги легитимира ужасните воени злосторства“, соопшти Форумот на семејствата на заложници.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не разговарал за плановите на Велика Британија за палестинска држава за време на разговорите со Стармер во Шкотска во понеделникот, кога им рече на новинарите дека „нема ништо против“ ако Британија донесе таква одлука.
Сепак, тој во вторникот изјави дека не мисли оти Хамас „треба да биде награден“ со признавање на палестинската независност.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја опиша одлуката на Стармер како „смела“.
Стармер му кажа на својот кабинет дека Велика Британија ќе ја признае палестинската државност на Генералното собрание на Обединетите нации во септември „освен ако израелската влада не преземе конкретни чекори за да ја заврши ужасната ситуација во Газа, да постигне прекин на огнот, да стави јасно до знаење дека нема да има анексија на Западниот Брег и да се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе доведе до решение за две држави“, соопшти неговата влада.
Ројтерс пишува дека овој потег, доколку се спроведе, би бил во голема мера симболичен, со оглед на тоа што Израел окупира територии каде што Палестинците долго време се обидуваат да основаат своја држава – на Западниот Брег и Појасот Газа, со Источен Ерусалим како главен град.
Ова дополнително го изолира Израел на меѓународната сцена, бидејќи сè поголем број земји бараат непречена помош за Газа, каде што Израел ги контролира сите влезни и излезни точки до опколената крајбрежна територија.
Сепак, администрацијата на Трамп, најблискиот и највлијателен сојузник на Израел, јасно стави до знаење дека нема намера да им се придружи на другите во признавањето на палестинската државност во скоро време. Откако се врати на власт во јануари, Трамп беше нејасен во врска со тоа дали би поддржал евентуална палестинска држава.
Стармер во вторникот имаше одделни телефонски разговори со Нетанјаху и Абас пред да ја објави одлуката.
Во услови на зголемен меѓународен притисок поради агонијата во Газа, Израел во текот на викендот објави чекори за олеснување на пристапот до помош. Сепак, Светската програма за храна на ОН во вторникот соопшти дека не добива дозволи за доставување доволно помош откако Израел воведе хуманитарна пауза во борбите во неделата.
„Растечкиот број докази покажуваат дека широко распространетиот глад, неухранетоста и болестите се одговорни за зголемениот број смртни случаи поврзани со глад“, соопшти ИПЦ, додавајќи дека во голем дел од Газа се достигнати критериумите за глад во однос на достапноста на храна.
Организацијата соопшти дека брзо ќе спроведе формална анализа што би можела да овозможи Газа да се класифицира како „во состојба на глад“.
Здравствените власти во Газа регистрираат сè повеќе смртни случаи предизвикани од глад. Вкупно има 154 од нив, од кои 89 се деца, а повеќето од нив починале во последните недели. Министерството за здравство во Газа вчера пријави уште седум смртни случаи поврзани со глад, вклучувајќи и двегодишно девојче кое страда од хронична болест.
Глетката на гладни палестински деца го шокираше светот, а Трамп изјави дека многу луѓе гладуваат. Тој вети дека ќе воспостави нови „центри за хранење“.
Израел негира дека спроведува политика на гладување. Министерот за надворешни работи Гидеон Сар во вторникот изјави дека ситуацијата во Газа е „тешка“, но дека таму се шират лаги за гладот.
Податоците за жртвите во Газа, често цитирани во извештаите на ОН и претходно опишани како веродостојни од Светската здравствена организација, потврдуваат дека ова е најсмртоносната војна во која учествувал Израел од неговото основање во 1948 година, според Ројтерс.
Израел ја почна офанзивата наводно како одговор на прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа уште 251, најсмртоносниот ден во историјата на Израел. Од почетокот на копнената операција во Газа во октомври 2023 година, загинаа 454 израелски војници.
Новиот палестински биланс не прави разлика помеѓу борци и цивили. Се верува дека илјадници други тела се закопани под урнатините, што значи дека вистинскиот број на жртви е веројатно многу поголем, велат палестинските власти и спасувачите.
Сар кажа дека 5.000 камиони со помош влегле во Газа во последните два месеци и дека Израел ќе им помогне на оние кои сакаат да достават помош од воздух, метод што хуманитарните организации го сметаат за неефикасен и симболичен.
Израел и САД го обвинуваат Хамас за кражба на помош, што милитантите го негираат, а ОН дека не го спречуваат тоа. ОН вели дека не видела докази дека Хамас значително ја пренасочува помошта. Хамас го обвинува Израел за предизвикување глад и користење на помошта како оружје.






