Рами Абдулрахман од опсерваторијата рече дека убиствата се извршени во Џабле, Баниас и околните алавитски области и дека тоа е најголемото насилство во последниве години во таа земја, каде што граѓанската војна трае веќе 13 години.
Новите власти започнаа акција за задушување на, како што велат, почетниот бунт што го започнаа милитантите поврзани со владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад. Неколку десетици припадници на безбедносните сили загинаа во тешките борби со милитантите, изјави сириски безбедносен извор.
Сириските власти признаа дека имало прекршување на човековите права за време на операцијата, за што ја обвинија неорганизираната толпа цивили и борци кои сакале да им помогнат на официјалните безбедносни сили или да извршат злосторства во хаосот.
Но, обемот на насилството, вклучително и извештаите за егзекуција на десетици алавити во едно село, ја доведува во прашање способноста на новата исламистичка влада во Сирија да управува со земјата на инклузивен начин, што ги загрижува другите земји.
Привремениот сириски претседател Ахмед Шара, кој вечерва во телевизиско обраќање до граѓаните ја поддржа акцијата, рече дека безбедносните сили не треба да дозволат никој да претерува во одговорот бидејќи се разликуваат од непријателите по посветеноста на нивните вредности.
„Ако заборавиме на нашиот морал, ние и нашите непријатели сме на иста страна“, рече тој, ветувајќи дека цивилите и затворениците нема да бидат злоупотребувани.






