Претседателот Владимир Путин вакви поплаки слушаше во текот на целата војна. Сепак, според луѓе од неговото опкружување, најчесто одлучуваше да ги игнорира. Функционерите и деловните луѓе, од своја страна, сфатија дека продолжувањето на војната е негов апсолутен приоритет и дека состојбата на економијата е споредна. Но во февруари дојде до пресврт. Путин одеднаш почна да обрнува внимание на слабеењето на економијата. Се појавија дури и знаци дека би можел да го смени ставот за преговори со Украина, можеби барајќи излез од конфликтот.
А потоа изби војната во Иран. Со еден потег, условите за помирување беа свртени наопаку. Со растот на цените на нафтата, поделбите на Западот и зголеменото американско вмешување, притисокот врз Путин да постигне договор значително ослабе. По еден необичен сплет на околности, почетокот на војната во Иран ги сопре изгледите за крај на војната во Украина – токму во моментот кога се чинеше дека Путин е спремен да ги разгледа.
Во февруари изгледаше дека Путин е подготвен да го смени правецот и да го реорганизира преговарачкиот тим. Кирил Дмитриев, главниот претставник на Кремљ, кого многумина го сметаат за фигура без вистински мандат, наводно бил пред сменување. Како водечки кандидат за негова замена се споменуваше Игор Сечин, директорот на државниот нафтен гигант Роснефт. Сечин, кој се смета за десна рака на Путин, претходно беше задолжен за односите на Русија со Латинска Америка и за градење блиски врски со американските нафтени компании. Тоа укажуваше дека Путин би можел посериозно да пристапи кон преговорите.
Истовремено почнаа да кружат гласини за голема реконструкција на руската влада. Ако Путин навистина тргнеше кон мир со Украина, ќе мораше темелно да ја преобликува власта. Според извори блиски до Кремљ, тоа би можело да вклучи и смена на актуелната влада. Над премиерот Михаил Мишустин веќе почнаа да се надвиснуваат облаци, бидејќи луѓе од неговото опкружување беа вклучени во кривични постапки.
Никогаш нема да дознаеме што ќе се случеше, вели Њујорк тајмс. На 28 февруари, ајатолахот Али Хамнеи беше убиен во заеднички американско-израелски напад; во деновите потоа, сè се промени. Цените на нафтата скокнаа над 100 долари за барел, а САД, во голем пресврт, ги укинаа санкциите за руската нафта. Побарувачката за руско ѓубриво нагло порасна, додека светот се соочуваше со нарушувања во снабдувањето со храна. Одеднаш, се чинеше дека економските проблеми на Русија исчезнале.
Освен тоа, поделбите меѓу САД и нивните сојузници од НАТО дополнително се продлабочија, откако вториве одбија да испратат бродови во Ормускиот теснец. Претседателот Доналд Трамп тоа го нарече „многу глупава грешка“. За Путин, чија надворешна политика се темели на поттикнување раздор на Западот, тоа беше добредојдено. Подеднакво важно е што вниманието на САД сега е насочено кон Блискиот Исток, а Украина е оттурната во втор план. Не се работи само за внимание – САД трошат оружје и муниција што инаку би можеле да бидат испратени во Украина.
Кремљ гледа можност и во самата Америка. Еден долготраен конфликт со Иран би можел да ја ослаби политичката позиција на Трамп и Републиканската партија, правејќи ги меѓуизборите неизвесни. Тоа дополнително го зацврстува уверувањето на Путин дека американската политика е променлива. Трамп, како и секој американски претседател, е привремена фигура: порано или подоцна ќе дојде нова администрација, можеби со мошне поинаков пристап кон Русија. Војната во Иран може да ја забрза таа промена. Од таа перспектива, отстапките во врска со Украина би биле бесмислени.
Сето тоа се значајни придобивки за Кремљ. Но парите што сега пристигнуваат во Русија не се гаранција дека Путин ќе може бесконечно да ја води војната. Напротив, луѓе блиски до власта сметаат дека сегашната ситуација ќе биде краткотрајна. Многумина во Москва очекуваат дека до мај војната во Иран би можела да заврши, а санкциите кон Русија повторно да бидат воведени. За руската економија, која веќе е под силен притисок, нема трајно решение.
Ситуацијата во самата Русија станува сè понестабилна. Во пресрет на парламентарните избори оваа есен, Кремљ е во состојба на речиси параноична неизвесност, двоумејќи се околу плановите да се напикаат ветерани во парламентот и жестоко реагирајќи на еден прорежимски блогер што се свртел против Путин. Властите започнаа и блокада на Телеграм, најкористената апликација за пораки во земјата, додека прекините на интернетот се сè почести во Москва и Санкт Петербург. Гласините за голема реконструкција на владата не стивнуваат.
Нивото на јавно незадоволство, кое до неодамна беше незамисливо, сега станува секојдневие. Изгледа дека Путин наскоро ќе мора да донесе клучна одлука: или да прифати некаква форма на деескалација во Украина, што би можело да значи и крај на војната, или да тргне во спротивната насока – со заострување на контролата на сите нивоа, дури и по цена на нова мобилизација. Невозможно е да се предвиди која одлука ќе ја донесе. Но клучен фактор ќе биде дали Америка ќе продолжи со својата сопствена војна.






