четврток, 5 февруари 2026
Њујорк тајмс

За мир, сѐ повеќе Украинци размислуваат за некогаш незамисливото: отстапување територија

Истражувањата покажуваат дека расте бројот на Украинците спремни за територијални отстапки кон Русија, доколку тоа би значело траен мир со силни безбедносни гаранции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сѐ повеќе Украинци се подготвени да се откажат од Донбас доколку тоа би значело крај на војната, пишува Њујорк тајмс, наведувајќи дека се чувствува промена на расположението во земјата исцрпена од долготрајниот конфликт.

Весникот како пример ја наведува Христина Јурченко, сопственичка на танцово студио во Донбас, која вели дека со години го градела својот живот во тој индустриски регион на истокот на Украина, но дека би била подготвена сѐ да остави ако тоа би донело траен мир. Јурченко за американскиот весник изјавила дека би прифатила Украина да ѝ го отстапи на Русија и оној дел од Донбас што сѐ уште е под контрола на Киев, но само под еден услов: сојузниците да ѝ дадат на Украина цврсти безбедносни гаранции за периодот по војната. „За мене мирот е приоритет, а ако по тоа сигурно не би имало војна, би била подготвена да заминам“, рекла таа, додавајќи дека во тој случај би се преселила во дел од Украина што не е под руска власт.

Ваквите ставови претставуваат значајно поместување во однос на претходните фази од војната, бидејќи откажувањето од територија што Русија не успеала да ја освои долго време се сметаше за црвена линија. Меѓутоа, како што пишува Тајмс, она што порано изгледаше незамисливо сега веќе не изгледа така, особено во момент кога Москва инсистира дека мировните преговори, со поддршка на САД, ќе напредуваат само ако Украина се согласи да се повлече од Донбас.

Прашањето за иднината на Донбас се опишува како едно од најтешките во тековните преговори меѓу Украина, Русија и САД, кои денеска продолжуваат во Абу Даби. Главниот украински преговарач синоќа наведе дека првиот ден од дводневните преговори бил „продуктивен“, пренесе Ројтерс. „Разговорите беа содржински и продуктивни, насочени кон конкретни чекори и практични решенија“, напиша на мрежата Икс Рустем Умеров, шеф на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана.

Москва сака Киев да ги повлече своите трупи од целата Доњецка област, вклучително и појасот на силно утврдени градови што се смета за еден од најсилните украински одбранбени системи, како предуслов за каков било договор.

Донбас опфаќа делови од повеќе области, вклучувајќи ги Доњецк и Луганск: Украина сѐ уште држи околу 20 проценти од Доњецката област, но го загуби целиот Луганск.

За Русија, освојувањето на Донбас има и симболично и политичко значење, бидејќи би ѝ овозможило да прикаже барем некаква форма на победа, иако не ја остварила пошироката цел за потчинување на цела Украина. Истовремено, Њујорк тајмс наведува дека Москва во обидите да го заземе Донбас изгубила многу повеќе војници отколку Украина.

Володимир Зеленски во јавните настапи говорел дека Украина и понатаму е против еднострано повлекување од Донбас, но, како што пишува Њујорк тајмс, повремено навестувал и одредена флексибилност, порачувајќи дека и Русија и Украина мора да бидат подготвени на компромис, додека Киев трпи притисоци и на бојното поле и на преговарачката маса.

Промената на расположението се гледа и во анкетите. Њујорк тајмс потсетува дека во мај 2022 година, два месеци откако украинските сили ја потиснаа руската војска од околината на Киев, едно истражување на Киевскиот меѓународен институт за социологија покажало дека 82 проценти од Украинците сметале оти земјата не треба да се откаже од територија под никакви околности. Во најновото истражување на истиот институт, објавено во понеделникот, 40 проценти од испитаниците навеле дека би поддржале откажување од Донбас во замена за безбедносни гаранции.

Сепак, мнозинството Украинци и понатаму не се за територијални отстапки, нагласува американскиот весник. Многумина порачуваат дека се подготвени да продолжат да ги трпат тешкотиите, вклучително и руската кампања на напади врз енергетската инфраструктура за време на исклучително студената зима.

Аналитичарите предупредуваат дека откажувањето од Донбас би можело дополнително да го подели украинското општество. Исто така би можело да го промени и политичкото наследство на Зеленски: од лидер што ја одбранил државата, во оној што дозволил руска окупација на територија што Украина ја држела, каде што денес живеат околу 190.000 луѓе. Јевхен Колјада, раководител на Центарот за координација на помошта, кој помогнал во евакуацијата на илјадници луѓе од подрачјата покрај линијата на фронтот, изјавил за Њујорк тајмс дека Зеленски „го слуша својот народ и нема да го направи тоа“, алудирајќи на повлекување од Донбас.

За оние што сепак размислуваат за откажување од Донбас, клучни се безбедносните гаранции, истакнуваат аналитичарите. Стравот е дека, доколку Украина ја повлече војската без такви гаранции, Русија би можела да се прегрупира и од Донбас да започне нови напади кон отворените низини зад утврдените градови.

Политичкиот аналитичар и коосновач на Националната платформа за отпорност и општествена кохезија, Олех Сакијан, изјавил за Њујорк тајмс дека безбедносните уверувања мора да значат „гаранција дека нема да има нов напад и дека партнерските земји се одговорни тоа да го обезбедат“. Зеленски, според наводите на весникот, порачал дека Украина е подготвена да потпише договори за безбедносни гаранции со Европа и САД. Европските држави најавувале дека би можеле да распоредат трупи во Украина по евентуално примирје, но останува нејасно дали би биле подготвени и да војуваат против Русија во одбрана на Украина. Русија, во секој случај, се противи на идејата за распоредување европски сили во Украина.

Сакијан предупредува дека ниту отстапувањето на Донбас можеби не би било доволно Русија да се откаже од војната. „Голема е илузијата дека постигнувањето договор со Русија околу некаква линија на разграничување би можело да доведе барем до привремен мир“, рекол тој.

И самата Јурченко, иако вели дека мирот ѝ е најважен, стравува дека ни големите територијални отстапки не би гарантирале дека Русија повторно нема да нападне. Ако Украина го отстапи Донбас, изјавила за Њујорк тајмс, луѓето би морале да се иселуваат и повторно да го градат животот од нула. „Тоа би било тешка, но вредна жртва за да заврши војната“, вели таа, па го додава прашањето што, како што пишува весникот, сѐ почесто одекнува во Украина: „Но кој може да гарантира дека тоа нема да морам да го направам повторно?“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ