четврток, 18 декември 2025

За херојот кој го сопре напаѓачот во Сиднеј собрани над 2,5 милиони долари

Ахмед ал Ахмед, 43-годишниот продавач на овошје од сириско потекло, стана национален херој откако храбро интервенираше за време на смртоносната пукотница на плажата Бондај минатата недела. Додека се опоравува од сериозните повреди во болница, илјадници луѓе ја изразија својата поддршка за него со донации кои надминаа 2,5 милиони долари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во еден од најмрачните моменти во поновата австралиска историја, двајца вооружени напаѓачи отворија оган на преполната плажа Бондај во Сиднеј пред четири дена. Ахмед реагирал без двоумење и успеал да совлада и разоружа еден од напаѓачите, а многумина веруваат дека со овој чин спасил безброј животи. Во нападот беа убиени 15 лица, како и еден од напаѓачите, 50-годишниот Саџид Акрам. За време на неговата херојска акција, Ахмед бил застрелан двапати.

Видеото од неговиот храбар чин брзо стана популарно, што доведе до започнување кампања на Гофандми која собра повеќе од 42.000 донации. Неговиот адвокат Сем Иса денес извести за Австралиската радиодифузна корпорација (Еј-би-си) за здравствената состојба на Ахмед.

Тој потврди дека Ахмед бил подложен на „многу сложена операција“ поради „оштетување на нервите“ и дека „денес, се разбира, тој трпи голема непријатност“. Додаде дека овој татко на две деца се подготвува за уште една осумчасовна операција која го чека следниот ден.

Претходно оваа недела Ахмед се обрати до јавноста за прв пат од болничкиот кревет. Во снимка објавена од турскиот јавен радиодифузер ТРТ ворлд:

„Ги ценам напорите на сите. Нека Алах ве награди и ви даде просперитет.

Со Божја волја, ќе ви се вратиме со радост. Ви благодарам за вашите напори. Поминав низ многу тешка фаза, само Алах го знае тоа… Ја молам мајка ми, зеницата на моето око, да се моли за мене“, кажа тој. Ахмед беше посетен и во болницата од највисоките австралиски функционери.

„Многу си силен. Твоето срце е силно. Твојата храброст е инспиративна“, му кажа премиерот Ентони Албаниз. Премиерот на Нов Јужен Велс Крис Минс исто така го посети. „Ова е најневеројатната сцена што некогаш сум ја видел. Човек кој му приоѓа на вооружен човек кој отворил оган врз заедница и го разоружува, ризикувајќи го сопствениот живот за да ги спаси животите на безброј други. Тој човек е вистински херој. Не се сомневам дека многу, многу луѓе се живи вечерва благодарение на неговата храброст“, изјави тој.

Во меѓувреме, полицијата поднесе обвиненија против преживеаниот напаѓач, 24-годишниот Навид Акрам. Тој е обвинет за 59 кривични дела, вклучувајќи 15 обвиненија за убиство, извршување терористички акт, 40 обвиненија за предизвикување тешки телесни повреди со намера за убиство, како и поставување експлозиви и јавно прикажување на симболот на забранета терористичка организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ