По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг, Вучиќ им изјави на новинарите дека е „изненаден што некои граѓани на Србија не го гледаат ова“.
„Нема да има граѓанска војна во Србија. Србија ќе продолжи да расте со голема брзина“, кажа Вучиќ денес, на барањето да ја коментира изјавата на Пленковиќ.
Вучиќ, исто така, рече дека Србија „ќе продолжи да биде сè поуспешна и покрај огромните напори на Хрватска, и официјални и особено неофицијални, не само да не напредува, туку да се врати во далечното минато кога некои српски претседатели им додворуваа и им се извинуваа за протерувањето на Србите“.
„Ќе продолжиме да ѝ подаваме рака на Хрватска без оглед на сите нивни пакости и коруптивни коментари и никогаш нема да им посакаме нешто слично“, рече Вучиќ.
Еден ден претходно на Бледскиот стратегиски форум, кога зборуваше за проширувањето на Европската унија, Пленковиќ изјави дека Србија „е на раб на граѓанска војна, со повеќе од две години најголеми, најсилни и најсериозни внатрешни немири и протести“, а Босна и Херцеговина е под постојана закана од сецесионизам.
Во подоцнежното обраќање до новинарите, Пленковиќ кажа дека целта на неговата изјава била „да ѝ даде на јавноста, која не ги следи сите детали за ситуацијата во Србија, мала претстава за тоа како изгледа сè, особено во последните месеци“.
„Немојте да мислите дека заговарам такво сценарио, само ладно го опишувам“, рече Пленковиќ.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, реагираше на изјавата на Пленковиќ, наведувајќи дека „стратегиската цел на Хрватска е да избувне граѓанска војна во Србија“.
„Пленковиќ вели дека Србија е на раб на граѓанска војна. А што друго би направиле? Толку многу го сакале тоа и толку многу инвестирале во тоа. Тие знаат дека нивната стратегиска цел – Александар Вучиќ да не е на чело на Србија, е единствениот начин да ја исполнат“, напиша Брнабиќ на социјалната мрежа Икс.
Меѓу реакциите на официјален Загреб беше и изјавата на хрватскиот потпретседател и министер за одбрана Иван Анушиќ, кој на 2 септември изјави дека Загреб нема никаква врска со политичките проблеми во Србија.
Коментирајќи ја оценката на претседателот на српскиот парламент, Анушиќ им кажа на новинарите дека Србија очигледно има големи внатрешнополитички проблеми и го покажува прстот кон Загреб како причина за сите негови проблеми.
„Ние апсолутно немаме никаква врска со тоа“, истакна Анушиќ во изјава за новинарите во Загреб.
Како што објави агенцијата Хина, тој кажа дека Хрватска отсекогаш ја поддржувала Србија во нејзината интеграција кон Европската унија и западните асоцијации и дека Србија одлучува каква политика ќе води.
„Им посакувам се најдобро и дека денес и утре ќе биде членка на ЕУ и НАТО и дека ќе го стабилизираме овој дел од Европа“, заклучи Анушиќ.
Смртта на 16 лица во несреќа на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година доведе до масовни протести низ цела Србија во последните десет месеци, со кои се бара одговорност од властите.
Владата негираше одговорност за несреќата, а претседателот на земјата, Александар Вучиќ, одби да распише предвремени парламентарни избори кои ги побараа демонстрантите предводени од студентите во мај.






