недела, 14 декември 2025

Вучиќ: За тепачите и хулиганите нема да има милост

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека во Нови Сад имало 64 повредени поддржувачи на Српската напредна партија (СНС) и додаде дека „нема да има милост за насилниците и хулиганите“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вучиќ, исто така, кажа дека е познато дека се повредени 16 полицајци, од кои двајца сериозно.

„Вечерва е тешка вечер за граѓаните на Србија и важно е што благодарение на мудроста, толеранцијата и трпението на огромен број граѓани, чудесно успеавме да го зачуваме мирот“, кажа Вучиќ на конференција во седиштето на министерството за внатрешни работи во Белград.

„Шеесет и четири граѓани беа повредени во просториите на СНС во Нови Сад. Итна помош стигна до нив. Тие луѓе нема да се повлечат, тие им се спротивставија на насилниците и блокаторите“, кажа тој.

Тој додаде дека „во Нови Сад имало 1.065 (демонстранти) и тие наизменично ги напаѓале предните и задните делови од зградата (просториите на СНС)“.

„Тие се организираа да тепаат и убиваат. Вечерва во Нови Сад имаше добро организиран напад, а кога наидоа на отпор, се вратија во кампусот (на Универзитетот во Нови Сад) за да земат стапови“, кажа Вучиќ.

„Имаше 3.084 луѓе на сите локации во Белград. На сите локации ги нападнаа полицијата и граѓаните кои размислуваат поинаку“, рече Вучиќ и додаде: „Ќе воспоставиме јавен ред и мир“.

Вучиќ кажа дека државата ќе „воспостави ред и мир“ и дека на сите места каде што имаше демонстрации, демонстрантите ја нападнаа полицијата.

„Никаде не се случи ништо освен во близина на просториите на политичката партија што не им се допаѓа на блокаторите и тепачите“, кажа Вучиќ за неговата владејачка партија СНС и додаде дека чека реакција од обвинителството.

„Никој никаде не ги нападнал. Тие отидоа насекаде да ги напаѓаат оние кои размислуваат поинаку. Она што го направија вечерва беше обид за повеќекратно убиство. Чекаме да видиме што ќе каже обвинителството“.

Тој ги обвини демонстрантите дека „организираат да тепаат и убиваат“ политички дисиденти.

„Не ни помисливме да ја извадиме војската и нема потреба. Нема да има граѓанска војна. Ги поканувам да седнат и да разговараат“, рече Вучиќ.

„Во овој момент преземаме мерки. Улиците на Белград, а наскоро и на Нови Сад, ќе бидат исчистени од бандити. Нема да има милост за бандитите и хулиганите“, порача тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ