На прашањето да ги коментира тврдењата дека тој и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, бегаат од состанокот со делегацијата на Европскиот парламент, Вучиќ одговори дека делегацијата не била поканета и не информирала никого за посетата, пренесува Телеграф.
„Оние кои ја мразат Србија седнале и се договориле дека ќе дојдат во Белград. Не нè прашаа, не нè информираа. Не можам да дојдам кај вас за слава или за новогодишна прослава ако не ме поканите во вашиот дом. Ние не ги поканивме“, рече Вучиќ, кој е во посета на Абу Даби.
„Прво, тие доаѓаат непоканети. Второ, тие самите одлучиле да ја посетат Србија во тој период. Имам закажано обврски во Давос во тој период, од пред пет месеци, што ќе биде многу важно и ќе видите со кого ќе се сретнам“, објави тој.
Вучиќ повтори дека не сака да се сретне со известувачот на Европскиот парламент за Србија Тонино Пицула, со европратеникот Владимир Пребилич и со оние кои, како што рече, ѝ посакуваат лошо на Србија.
„Третото и важно, да не кажат дека избегнувам. Не избегнувам ништо. Нема да се сретнам со Пицула, Пребилич или со сите нив. Не ми паѓа на памет да губам време. Имам многу повеќе време да се сретнам со важни луѓе и да одлучам за судбината на Србија со оние кои сакаат добро за Србија, а не со оние кои сакаат лошо“, истакна српскиот претседател.
„Значи, не сакам да ги видам. Сметајте дека сум во Србија, но не сакам да разговарам со нив“, заклучи тој. Делегацијата на Европскиот парламент ќе биде во Белград од 22 до 24 јануари, а Вучиќ потоа треба да присуствува на Светскиот економски форум во Давос.






