„Ќе се сретнам два пати, од различни причини во следните два дена. Не ме држете за збор, ги измешав датумите и временските зони“, кажа Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се сретне со американскиот претседател, и додаде дека „сè ќе се случи во следните три-четири дена“.
Тој најави дека очекува Белград во август или во јуни да го посети италијанската премиерка Џорџа Мелони, која, заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, ја опиша како една од најмоќните жени на светот.
На прашањето на новинарите дали по Соединетите Американски Држави и Русија е спремен за „мајање (спонтано одење некаде) во Ниш“, Вучиќ кажа дека не сака да го користи тој збор откако го користеле „блокаторите“, како што српскиот претседател ги нарекува учесниците на студентските протести и луѓето кои со молк им оддаваат почит на сограѓаните загинати во уривањето на натстрешницата во Нови Сад.
„Спремен сум за сериозен разговор со граѓаните на Ниш, за сериозни договори за иднината на Србија, а потоа одам во Крагуевац, Нови Сад и сите други места“, кажа Вучиќ.