Вучиќ, во гостување на Радиотелевизија Србија (РТС), кажа дека претставниците на владата не сакаат да ги креваат тензиите.
„Ние размислуваме за Нови Сад, без разлика дали на 28 јуни или на 5 јули. Секако сакаме да избегнеме конфликт бидејќи сме одговорни луѓе“, порача Вучиќ.
Според него, СНС никогаш не организирала контра-митинг и нема да го стори тоа ниту на Видовден.
Вучиќ кажа дека за три месеци „физички ќе ги брани блокаторите од напади на огорчениот народ“.
Во саботата, студентите објавија дека ќе организираат протест во Белград на Видовден, а во понеделник некои медиуми објавија дека и СНС планира да одржи митинг на истиот ден.
Вучиќ повтори дека „шарената револуција е поразена“ во Србија и оцени дека земјата економски се опоравува.
„Многу сум среќен поради позитивниот развој на ситуацијата во втората половина од годината. Ќе покажеме сериозност во изградбата на Србија, автопати, научни и технолошки паркови и други проекти“, најави тој.
Зборувајќи за состојбата во високото образование, тој кажа дека одговорните „ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.
„Од оние што го урнаа нашиот универзитет и образование, до оние што ги урнаа сите други државни институции. Значи, од Радиотелевизија Србија до обвинителството, судството, полицијата и многу други работи во јавниот сектор. Доаѓа време за одговорност и тоа, ми се чини, е најдобрата вест за граѓаните на Србија“, оцени Вучиќ.