Вучиќ на социјалната мрежа Икс напиша дека е „згрозен од однесувањето на Турција и бруталното кршење на Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина“.
„Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека повторно сонува за обнова на Отоманското царство“, напиша Вучиќ и додаде дека „Србија е мала земја, но ги разбираме нивните вистински намери“. Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, исто така истакна дека со вооружувањето на Косово, Турција директно ја прекрши Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, според која Кфор е единствената оружена сила во Косово.
Радио телевизија Србија објави дека Петковиќ прашал „против кого е насочена милитаризацијата на Приштина“ и „давањето смртоносно оружје во рацете на пироманот Аљбин Курти, ако не против мирниот српски народ?“
Петковиќ истакна дека не е случајно што беспилотните летала биле испорачани три месеци пред рокот и „само неколку дена пред локалните избори“ – со цел да му се обезбеди на Курит „неопходната поддршка пред изборите на 12 октомври за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
И тој кажа дека Белград „добро ја разбрал оваа порака“ и дека „ќе продолжи одговорно да го чува мирот и стабилноста, и покрај оружените сојузи кои се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.
Курти, кој објави на Фејсбук дека беспилотните летала пристигнале во Приштина, напиша дека десетици припадници на безбедносните сили биле обучени да ги користат беспилотните летала на турската компанија Бајкар, пишува РТС.
„Овие дронови самоубијци, познати и како РТФ скајдагер ФПВ кои ги набавивме, се борбени дронови опремени со експлозивни уреди со цел гаѓање на подвижни и статични непријателски цели“, опиша Курти.
Тој наведе дека „со купувањето на овој контингент беспилотни летала, покрај беспилотните летала TB2 „бајрактар“ и „пума“, продолжуваме да ја зголемуваме ударната моќ на нашата војска со цел да изградиме способна и кохерентна сила со нови технолошки достигнувања и модерни тактики на војување“.






