недела, 13 јули 2025

Вучиќ: Светот е во хаос, правила повеќе не постојат

Српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата на проширениот колегиум на началниците на Генералштабот, изјави дека денешниот состанок е „еден од пресвртните за промените што треба да дојдат во Војската на Србија“ и дека денес светот функционира без закон, правда и какви било правила. Тој се осврна и на најактуелната тема – конфликтот меѓу Иран и Израел, како и на реакцијата на Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што рече, Србија ја промени воената доктрина. „Според новата доктрина, нашата војска мора да биде неспоредливо посилна. Во изминатата година направивме многу за модернизација и напредок на нашата војска. Денес живееме во свет во кој законот и правдата одамна веќе не постојат, а сега исчезнаа и правилата. Мора да го прифатиме и разбереме тоа“, рече Вучиќ, пренесува Блиц.

Додаде дека е „многу тешко да се разбере и прифати“. „Но, мораме. Да се биде членка на Обединетите нации, да се има загарантиран територијален интегритет врз основа на одлуките на ОН – тоа денес не значи ништо. Големите сили брутално го газат тоа кога им одговара, измислувајќи некои нови, непостоечки принципи. И ние мора да се прилагодиме на тоа. Мораме да го подигнеме нивото на нашите одбранбени способности и сè што правиме, го правиме за граѓаните на Србија“, нагласи Вучиќ.

Тој исто така рече дека тоа нема никаква врска со „суетата на државата“, како што тоа го опишуваат некои швајцарски аналитичари.

„Станува збор за највисоките интереси на граѓаните на Србија – да бидат заштитени, безбедни и безгрижни. Според тоа, анализиравме неколку работи. За прв пат имам и добри вести кога станува збор за луѓето. Исклучително сум среќен поради тоа. За прв пат имаме поголем одзив за различни единици отколку што очекувавме“, рече Вучиќ.

Зборувајќи за војната меѓу Израел и Иран, Вучиќ се осврна и на ставот на Србија кон тие земји.

„И двата народа ни се пријателски. Сакаме мир и не разбирам зошто не се направи обид да се реши сè по дипломатски пат. Да бидам попрецизен – бидејќи човек мора да биде искрен кон себе и кон земјата – сакаме најблиски односи со Соединетите Американски Држави, стратешко партнерство. Ние сме мала земја. Но, дали САД го прекршија јавното меѓународно право? Апсолутно го прекршија“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија зборувала за тоа и во други случаи.

„Нема закон, нема правда. И, што е поважно, денес нема веќе правила. А сега да одговорам на вашето прашање: како Западот сега ќе ѝ зборува на Русија – или на некој друг – за кршење на територијалниот интегритет? Сите веќе го погазивте. Го погазивте со примерот на Србија и СРЈ. Но, многумина го заборавија тоа – тоа беше одамна, пред 26 години. А ова се случува сега пред сите. Па кои се тие принципи тогаш? Кои се правилата според кои некогаш ќе може да се постигне мир во светот? Зошто го велам ова? Затоа што тонеме во целосен хаос. Целиот свет. Цената на нафтата е 25 проценти повисока денес отколку што беше пред десет дена. Ги држиме цените на пумпите со сила за да не експлодираат. Брент утрово отвори на 78,4. Беше на 64. И не станува збор само за цената на нафтата. Цената на гасот отиде до небо. Тоа веќе не е прашање на цена“, рече Вучиќ.

Тој одговори и на прашањето за извозот на муниција во Израел и рече дека сè е запрено по почетокот на војната во Иран.

„Ние продаваме муниција, од што директно живеат 24.000 луѓе, а индиректно 50.000. Со членовите на семејството, тоа се околу 150.000 луѓе во оваа земја. Нема да оставам 150.000 луѓе без леб. Напротив, моја работа како претседател е да отворам пазари за нив. И им ги отворив речиси сите азиски пазари. И американскиот пазар“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија извезува муниција веќе 15 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ