среда, 17 декември 2025

Вучиќ: Србија остана без 750 милиони евра поради „хајка“

Претседателот ги обвинува противниците за заминувањето на инвеститорот, додека опозицијата и стручната јавност тврдат дека проектот пропаднал поради корупцијата и незаконското укинување на заштитата на зградите на Генералштабот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека за него е „ужасно тешка и лоша вест“ тоа што инвеститорот Џаред Кушнер се откажал од проектот за обновување на зградата на Генералштабот во Белград, бидејќи станува збор за инвестиција што ќе ѝ донела на Србија 750 милиони евра и илјадници работни места.

„Горд сум со сите оние што се обидоа да донесат таков инвеститор. Со кампањата и хајката што се водеше, успеавме сè да уништиме. Кампањата почнува како кампања за поддршка на блокадерската хајка, затоа што треба сè да се оцрни, да се разори Србија, да се остави без инвеститори и сè друго, за Србија да исчезне од мапата на успешни земји“, изјави Вучиќ пред новинарите во Палатата Србија.

Зетот на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп се откажа од проектот за изградба на хотел во Белград на местото на комплексот згради на Генералштабот, оштетен во НАТО-бомбардирањето во 1999 година, соопшти во понеделникот портпаролот на инвестициската фирма на Кушнер, „Афинити партнерс“. Кушнер се повлекол откако проектот предизвика протести и поради обвинителен предлог против високопозициониран српски политичар, објави Вол стрит џурнал.

Портпаролот објасни и дека компанијата се повлекува затоа што „значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград“.

Одлуката е објавена истиот ден кога Обвинителството за организиран криминал (ТОК) поднесе обвинителен предлог против министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, и уште тројца луѓе поради незаконско постапување при отстранувањето на статусот културно добро од зградите на Генералштабот.

Вучиќ оцени дека Србија изгубила една исклучителна инвестиција и дека лично ќе се погрижи сите оние што учествувале во нанесувањето штета да одговараат за тоа.

„Штетата што ѝ е нанесена на Србија е огромна. Сега ќе имаме една урната зграда. Тука нема никаква корупција, бидејќи луѓето се повлекуваат од проектот“, изјави Вучиќ.

Повлекувањето на фирмата на Џаред Кушнер од изградбата на хотелот на местото на комплексот Генералштаб ќе влијае лошо врз доаѓањето на други инвеститори во Србија, оцени министерот за финансии Синиша Мали. Тој во објава на Инстаграм наведе дека Србија минатата година имала „рекордни приливи на странски директни инвестиции“, а дека оваа година „поради блокадите тој прилив е значително помал“.

„Форбс Србија“ објави дека фирмата на Кушнер може да бара отштета од Србија.

Вучиќ повтори дека Србија изгубила една исклучителна инвестиција и дека лично ќе се погрижи сите оние што учествувале во нанесувањето штета да одговараат за тоа.

Народниот пратеник и претседател на партијата Србија центар (СРЦЕ), Здравко Понош, вчера изјави дека семејството Трамп проценило дека изградбата на хотел во Белград би им нанела поголема политичка штета отколку финансиска корист, па затоа одлучиле да се дистанцираат од тој проект.

Коментирајќи ја одлуката на Џаред Кушнер да се откаже од изградбата на хотелот, Понош за агенцијата Бета изјави дека проектот, поради корупциската димензија, бил премногу радиоактивен.

„Ако се гледа политички, мислам дека семејството на американскиот претседател го оттурна Вучиќ од себе како да е заразен. ‘Проектот Генералштаб’ поради корупциската димензија беше радиоактивен, а на таа радиоактивност влијаевме сите ние што ја разобличувавме корупциската природа на проектот. Не мислам само на политичката опозиција, туку во голема мера и на стручните здруженија што завршија огромна работа комуницирајќи со своите колеги низ светот“, изјави Понош.

Според него, семејството на Доналд Трамп низ целиот свет има во понуда слични „подароци“ што не се радиоактивни.

Понош изјави и дека Вучиќ веќе подолго време во САД е препознаен како политичар од кој треба да се држи дистанца, бидејќи носи ризик да повлече лош имиџ во американската јавност. „Затоа во мај беше исфрлен од Републиканската конвенција во Мајами“, оцени тој.

Понош смета дека откажувањето на Кушнер од инвестицијата во Белград било очекувано, но дека Вучиќ инсистирал на донесување лекс специјалис за да го заштити министерот за култура од одговорност за неколку тешки кривични дела.

„Целата ујдурма на Вучиќ во последниот месец и половина служеше за да се спаси Селаковиќ, бидејќи знаеше дека од проектот нема да има ништо. Не треба да се исклучи можноста зградата на Генералштабот да им биде понудена на некои други, но тоа за Вучиќ би било политичко самоубиство. Во овој момент нема возач што би се осмелил да внесе багер на таа локација“, нагласи тој.

Историчарот од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Ненад Лајбеншпергер, изјави дека Генералштабот сè уште има статус на културно добро и дека повлекувањето на фирмата на Кушнер не значи дека нема да дојде некој друг инвеститор што би го продолжил проектот.

„Тоа е она што нè загрижува — кога ќе се освестите по славењето, ќе сфатите дека можат да најдат и други инвеститори, веќе почна да се зборува за тоа. Мора да се почитува она што ни е оставено во аманет, а тоа се законите и Уставот, кои пропишуваат дека наследството мора да се чува“, изјави тој за Н1.

„Ние не го избришавме Генералштабот од Регистарот на културни добра. Потоа, претпоставувам, самите се обидувале да избришат преку информатичкиот систем, но бидејќи немале пристап, не успеале. Генералштабот, од наша страна, сè уште е неподвижно културно добро. И лекс специјалис е неуставен, а ја чекаме и одлуката на Уставниот суд. Тоа може да потрае, но немаме друг избор“, додаде Лајбеншпергер.

Њујорк тајмс го опиша откажаниот договор како пример за „подготвеноста на странски влади да вложат максимални напори во промоција на финансиските интереси на семејството на Доналд Трамп“ и наведува дека Вучиќ, кој во текот на целата година барал помош од Трамп во економските прашања, силно ја поддржувал предложената изградба на комплексот во центарот на Белград.

Пратениците на Собранието на Србија во ноември изгласаа посебен закон за комплексот згради на Генералштабот и поранешниот Сојузен секретаријат за народна одбрана, со што беше отворен патот за контроверзниот проект за недвижности, и покрај широкото противење на јавноста и правните пречки. Владата на Србија минатиот ноември одлучи зградите на Генералштабот и Министерството за одбрана во центарот на Белград да го изгубат статусот културно добро.

Стручњаците велат дека постапката не била испочитувана, бидејќи културното добро може да се избрише од регистарот само ако исчезне или биде целосно уништено, а Генералштабот не изгубил ниту една од вредностите поради кои бил прогласен за културно добро.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ