„За Србија е прифатливо членство во Европската Унија без право на вето “, кажа Вучиќ за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
„Најважниот аспект за нас е внатрешниот пазар, како и слободниот проток на стоките, луѓето и капиталот“, изјави Вучиќ за овој весник.
„Ова се централните вредности кои сакаме да ги постигнеме со членството во ЕУ“, додаде српскиот претседател.
Германскиот весник потсетува дека Вучиќ – согласувајќи се на членство без право на вето – му се придружил на албанскиот премиер Еди Рама, кој го кажа истото.
Долго време Европската Унија ја споменуваше можноста за такво членство „на почек“ во кое новите членки нема да имаат целосни права со години или дури би биле под мониторинг.
Некои кругови во Германија, а очигледно и на Балканот, веруваат дека ова е единствениот начин да се отвори реална шанса за проширување на ЕУ во блиска иднина.






