Во големо интервју за германскиот Цицерон, српскиот претседател Александар Вучиќ ја брани својата политичка насока и одговара на обвинувањата.
Србија во во 2009 година поднесе барање за членство во ЕУ, но преговорите запреа по руската инвазија на Украина, делумно поради вашиот близок однос со Москва. Немаше ли вашиот живот да биде поедноставен ако ги прекиневте тие врски?
„Не е толку едноставно. Имаме проблеми во Србија со кои другите европски земји не се соочуваат. На пример, ние трошиме повеќе гас од Русија секоја година, додека другите европски земји речиси воопшто не зависат од рускиот гас или зависат многу малку.
Имаме силна и растечка индустрија која не може да функционира без овој гас и која е важна и за Европа. Впрочем, 54,5 проценти од целиот извоз од балканските земји во Европа доаѓа од Србија.“
Зависноста од енергетски производи е едно, но вашиот однос со Русија оди подалеку. На пример, присуствувавте на воена парада во Москва додека Европејците стравуваат од руска агресија.
„Верувам дека се однесуваме многу праведно кон сите страни. Прашајте го украинскиот претседател Володимир Зеленски која од балканските земји најмногу ѝ помогнала на Украина со финансиска и хуманитарна помош. Одговорот можеби ќе ве изненади.
Сакаме да станеме членка на Европската Унија, но мора да разберете дека постојат различни причини зошто одржуваме контакти со Русија. Можеби сте уморни од слушањето на тие причини, но тие се важни за нас. Знаете дека имаме нерешен проблем во Приштина“.
Приштина е главен град на Косово, поранешна српска покраина која еднострано прогласи независност во 2008 година. Оваа независност е признаена од повеќе од 100 земји, вклучувајќи 22 од 27-те членки на ЕУ, но Србија сè уште ја смета за своја автономна покраина.
„И знаете кој нè поддржува во однос на нашиот територијален интегритет, а кој не. Тоа, секако, ја прави целата приказна покомплицирана. Од друга страна, верувам дека се однесувавме многу праведно кон нашите европски партнери, дека јасно сме на европскиот пат. Моментално сме усогласени со надворешната политика на ЕУ за повеќе од 60 проценти, а тој процент постојано расте.“
Тоа и понатаму не објаснува зошто моравте да одите на воената парада во Москва, која исто така служи за заплашување на членките на ЕУ.
„Погледнете го тоа од наша перспектива. Освен во 1948 и 1949 година, од крајот на Втората светска војна секоја година сме присутни на руската воена парада. Зошто? Затоа што Црвената армија и југословенските партизани заедно ги ослободија Белград и Србија. Тоа не е само дел од руската, туку и од нашата традиција и историја. И знаете, да бидам искрен, ја доживувам оваа дебата како едностран напад врз нас.
По рускиот напад на Украина, не се сретнав со Путин три години и три месеци, пред почетокот на војната во Украина се среќавав најмалку три пати годишно. Многу европски државници го посетуваа или разговараа со него по телефон. Јас не. Го осудуваме рускиот напад врз Украина и верувам дека се однесувавме навистина чесно. Но, моја должност беше да бидам на тој настан. Сепак, од почит кон Украина, не се појавивме на Црвениот плоштад ниту со војници ниту со воена опрема.“
Од перспективата на ЕУ, членка која негува блиски односи со Москва би можела да претставува егзистенцијална закана за Унијата во случај на ескалација на конфликтот.
„Сакам решително да ја отфрлам таа мисла. Дури и да не ви се допаѓам, мора да признаете дека сите тие работи што беа кажани за мене и за Србија не се вистинити. Од почетокот на војната во Украина, европскиот печат постојано тврдеше дека Србија е авторитарен режим и дека ќе нападне некого во регионот. Ништо од тоа не се случи. И покрај провокациите на режимот во Приштина, ние отсекогаш сме биле сидро на стабилноста во регионот. Тоа е нашиот придонес кон европската безбедност.
Никогаш не сме довеле никого во Европа во опасност. Напротив: нашите магацини се полни со муниција, а произведуваме и дополнителна, особено минофрлачки гранати. Произведуваме повеќе муниција од Франција. Иако не сакам да бидам виден како некој што постојано снабдува муниција со завојуваните страни, муницијата е потребна во Европа. Затоа, им понудив на нашите пријатели од ЕУ да склучат договор за купопродажба со нас и да земат сè што имаме“.
И таа муниција потоа би можела да се користи во Украина?
„Клиентите можат да прават што сакаат со тоа. Едноставно ни треба долгорочен договор за да можеме да планираме. Секогаш велев дека Србија е воено неутрална. Но, ние сме апсолутно подготвени да соработуваме со европските армии. Веќе интензивно соработуваме воено со нашите европски пријатели, во Африка, Азија и на други континенти, и подготвени сме да го зголемиме нашето присуство заедно со европските сили.“
Организацијата Фридом хаус повеќе не ја смета Србија за слободна демократија, туку за хибриден режим. Ве обвинуваат дека ја укинувате поделбата на властите поради преголемо влијание врз партијата, парламентот и медиумите. Како го коментирате тоа?
„Имам сосема поинакво мислење и ја поканувам Фридом Хаус да дојде тука, да разгледа сè и да дојде до резултат на лице место. Знаете, јас веќе го знам тоа. Ако има некој што е постојано нападнат на ужасен начин во сопствената земја, тоа сум јас. Секој ден ме прикажуваат како некаков Хитлер.
И потоа секогаш се тврди дека имаме авторитарен или автократски режим во Србија. Но, да бидеме искрени: Во кој авторитарен режим е можно зградите на владејачката партија да бидат физички нападнати 800 пати откако ја презеде функцијата? 29 пати нашите партиски згради беа целосно уништени или запалени.“
Српската полиција дејствува против демонстрантите, но и против луѓето што протестираат против вас со месеци. Во Европскиот парламент, Србија беше критикувана за брутални методи и наводна употреба на звучни топови.
„Тоа никогаш не се случило. Едноставно не се случило. Ќе ви кажам едно: Ако се покаже дека е користено акустично оружје, тогаш јас повеќе не сум претседател. Не ја лажам јавноста. Тие критичари во Европскиот парламент во основа само ја пренесуваа пораката на медиумите кои се против нас. Постојат многу различни интереси, бизнис интереси. Верувам дека сите ја знаат вистината, но и дека постојат различни интереси.“
Неодамна изјавивте дека странски влади плаќаат за протестите против вас. Кои влади се тие?
„Нема да кажам кои влади ги платиле демонстрантите. Имам докази, но не сакам да ги презентирам бидејќи не сакам да ги загрозам односите со тие земји. Знаеме дека имаше масовна финансиска поддршка за овие луѓе од странство. Интересно е што протестите се променија, последните големи демонстрации дојдоа од ултрадесничарски студентски групи, а не од проевропски групи. И од тогаш и финансиерите се повлекоа.
Сето ова не значи дека немаме поделено општество во Србија. Да, го имаме. Но, тие протести не се израз на тоа, тие се израз на астротурфинг, односно политички мотивирана и финансирана маркетинг кампања која се обидува да создаде впечаток за спонтано движење на граѓаните. Во иднина, ќе откриеме кој стои зад тоа. Во моментов имаме други грижи, пред сè енергетски проблеми, кои за нас се прашање на опстанок.“
Друга спорна точка на патот кон ЕУ е Косово. Вие не сакате да ја признаете независноста, а Унијата инсистира на нормализирање на односите. Како планирате да го решите тој проблем?
„Прво да кажам едно. Кога некој ќе нè праша дали го почитуваме територијалниот интегритет на Украина, ние велиме: „Да, апсолутно, ние сме многу лојални на територијалниот интегритет на Украина“. Патував во Одеса за време на војната за да ја покажеме нашата солидарност. Напротив, нашиот територијален интегритет не се почитува, а тоа не е во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Секогаш сме се однесувале одговорно, воопшто не реагирам на речиси секојдневните провокации од Косово. Не сакам да паднам во таа стапица и да дозволам да се случи конфликт на Балканот. Не го сакам тоа. Сакам луѓето да ме паметат како некој што ја обнови Србија од пепелта, економски и индустриски.
И пред сè: сакам да бидам запаметен како некој што успеа да го одржи мирот. Србија е земја со најмногу војни во 20 век. Едноставно повеќе не го сакаме тоа“.






